Доделување „Оскари“ - „Моќта на кучето“ и „Дина“ со најмногу номинации
- Вестернот „Моќта на кучето“ има 12 номинации, научно фантастичниот спектакл „Дина“ десет, а по седум номинации добија „Белфаст“ и „Приказна од западната страна“.
Скопје, 27 март 2022 (МИА) – Во Долби театарот во Лос Анџелес вечер ќе се одржи 94. доделување „Оскари“ - светски најпрестижната филмска награда, што ја доделува Американската академија за филмски уметности и науки.
На Оскаровската церемонија, Академијата за филмски уметности и науки ќе ги награди најдобрите остварувања од минатата година.
Вестернот „Моќта на кучето“ има 12 номинации, научно фантастичниот спектакл „Дина“ десет, а по седум номинации добија „Белфаст“ и „Приказна од западната страна“.
На доделувањето е нјавено присуство на најзначајните имиња, од номинираните до презентерите на наградите меѓу кои Ентони Хопкинс, Хали Бери, Кевин Костнер, Џон Траволта, Џејсон Момоа, Џејми Ли Кертис, Лејди Гага, Џејк Џиленхол, Шон Мендез и многу други.
Бијонсе, Били Ајлиш, Риба Мекинтаер и Себастијан Јатра ќе ги изведат номинираните оригинални филмски песни.
Ќе има сегмент посветен на 60 години од првиот Бонд филм и 50 години од снимањето на филмот „Кум“.
Реџина Хол, Ејми Шумер и Ванда Сајкс првпат ќе бидат водителки на Оскаровската церемонија.
-Годинава идејата на Оскаровското шоу е да се обединат љубителите на филмот. Затоа и поканивме три од најдинамичните, забавни жени со многу различни стилови во комедијата, изјави продуцентот на шоуто Вил Пакер.
Доделувањето на најпрестижните филмски награди во светот, кое ќе се одржи во театарот Долби во Холивуд и Хајланд, Холивуд, ќе го пренесуваат преку 200 земји во светот.
Кај нас пренос ќе врши Македонската телевизија со почеток во 30 минути по полноќ.
Оскаровска церемонија ќе почне во два часот по полноќ. Скратена снимка од Оскаровското шоу во траење од два часа ќе се емитува во вторник во 20:45 на МТВ. бт/мч/