• понеделник, 23 декември 2024

Доделување на државната награда „23 Октомври“

Доделување на државната награда „23 Октомври“

Скопје, 23 октомври 2024 (МИА) – Во Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе биде доделена државната награда „23 Октомври“ за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Република Северна Македонија.

Годинава, добитник на наградата „23 Октомври“ е поетот Славе Ѓорѓо Димоски за остварување во областа на културата и уметноста.

Наградата ќе му биде врачена на добитникот во 12 часот.

Славе Ѓорѓо Димоски (поет, есеист, преведувач) е роден на 18 март 1959 година во охридското село Велестово. Завршил Филолошки факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во два мандата бил претседател на Управниот одбор на НУ „Струшки вечери на поезијата“. Основач е и долгогодишен раководтиел на фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“.

Автор е на книгите поезија „Гравири“, 1979, „Проект“, 1982, „Студен порив“, 1985, „Последните ракописи“, 1988, „Спореден пат„, 1991, „Предмети и аргументи“, 1994, „Форми на страста“, 1998, „Форми на страста / Forms of passion“, „Macedonia Prima“, 1999, „Темно место“, 1999, „Мерач на зборовите“, 2007, „Хаику на разгледници“, 2015, „Јазичен триптихон“, 2015, „Кумова слама“, 2018, „Јазик и леб“, како и книгата „Поезија/Ткаења“ од 2014 година во која е објавена неговата целокупна поезија пишувана од 1979 до 2014 година.

Објавил шест книги за деца и четири книги со есеи, а превел над триесетина книги на поети од словенското јазично подрачје. Дваесет книги му се преведени на странски јазици, а поединечни песни и поетски циклуси се преведени на над триесет и пет јазици, меѓу кои англиски, француски, руски, малезиски, српски, романски, турски, албански, шведски, шпански, чешки, хрватски, словенечки, полски, азерски, украински, бугарски, германски, хебрејски, арапски италијански, грузиски, ерменски, монголски.

Наградуван е со повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, а меѓу нив „Браќа Миладиновци“, „Антево перо“, „Ацо Шопов“, Гран при интернационал (Романија), „Сергеј Есенин“ (Русија) и др. Двапати е добитник на највисокото охридско признание „Св. Климент – Патрон на Охрид (2000 и 2012 г.)

Застапуван е во сите антологии на македонската поезија објавени во Македонија и низ светот по 1982 година. ар/нд/

Фото: Фејсбук Славе Ѓорѓо Димоски

 

Остани поврзан