Доделени првите десет договори за набавка на комбајни со сецкалици
- Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски заедно со заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски
Скопје, 25 јуни 2021 (МИА) - Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски заедно со заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и со градоначалникот на Чешиново – Облешево, Горанчо Крстев, денеска во Чешиново ги доделија првите десет од вкупно 25 одобрени договори за набавка на комбајни за ориз со сецкалица.
Од АФПЗРР информираат дека станува збор за реализација на мерката„ Инвестиции во модернизација на земјоделски стопанства“, подмерка 121,5 „Набавка на специјални комбајни за жнеење на ориз со сецкалица.“
Бачовски истакнал дека сите пристигнати апликации ги исполниле условите за добивање на финансиска подддршка.
- На овој повик, кој заврши на средината на минатиот месец, пристигнаа вкупно 25 барања за набавка на комбајни. Сите 25 апликации се одобрени. Вкупната вредност на овие 25 договори изнесува близу 32,5 милиони денари, од кои 18 милиони денари, ќе бидат вратени на сметките на апликантите. Ова се сериозни средства преку кои директно им помагаме на производителите на ориз, во намалување на нивните трошоци за прибирање на родот со ориз, и најважно со овие комбајни ќе се реши проблемот со палењето на оризовата слама. Апликациите се обработија брзо, денес ги склучивме договорите и сега апликантите можат да ги набават комбајните и веќе оваа реколта да имаат модернизиран начин на жетва, со што директно ќе се намалат и времето кое е потребно за жетва на ориз, но и производните трошоци, изјавил Бачовски.
Најавил дека заедно со Владата ќе продолжат да креираат мерки кои ќе го осовременуваат домашното земјоделство и позитивно ќе влијаат на конкурентноста на домашно произведените земјоделски култури.
Од АФПЗРР информираат дека оваа мерка се спроведува за прв пат и е креирана на барање на оризопроизводителите. Со неа, директно се влијае врз намалување на производните трошоци на оризот, a таа позитивно ќе влијае и врз локалната економија и намалувањето на загадувањето на воздухот. аа/бак/