• недела, 22 декември 2024

Доделени благодарници по повод 31 година од постоење на Лекарската комора

Доделени благодарници по повод  31 година од постоење на Лекарската комора

Скопје, 5 јуни 2023 (МИА) - По повод 31 година од постоење на Лекарската комора на Северна Македонија, денеска во црквата „Света Софија“ во Охрид беа доделени благодарници за докторите кои придонесоа за развој на трансплантација и органодарителство. На настанот присуствуваа членовите на органите и телата на Kомората и високи претставници на државни институции.

Највисокото признание што го доделува Комората, плакета „Св. Наум Охридски“ годинава ја доби д-р Драган Милевски од Делчево, со 26-годишно искуство.  

Посебна награда „Примариус д-р Димитар Ивановски“ за тројцата студенти по медицина со највисок просек од трите медицински факултети годинава ја добија Леонид Рене Томас Караџинов - Медицински факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Кристијан Живков  - Факултет за медицински науки, Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип и Блинера Баланца – Факултет за медицински науки, Државен универзитет Тетово.

Доделени благодарници по повод  31 година од постоење на Лекарската комора ФОТО/ Лекарска комора

Признанието за најдобар труд го добија д-р Антонела Љубиќ, д-р Владимир Трајковски, д-р Галина Димитрова и д-р Бранислав Станковиќ за трудот „ Down синдром - рефрактивен развој”.

На настанот беа врачени и благодарници за особен придонес во развојот на трансплантацијата и органоодарителството на доктори од Клиника за нефрологија, Клиника за урологија, Клиника за кардиологија, Клиника за кардиохирургија, Клиника за гастроентерохепатологија, Клиника за дигестивна хирургија, Клиника за ортопедија, Клиника за хематологија, Македонски дарителски регистар, Клиника за неврохирургија, Институт за транфузиона медицина, приватните болници „Систина“ и „Филип Втори“ и Клиниката за реанимација и интензивно лекување. 

-Комората е отворена за секој лекар кој се соочува со некој предизвик, за секој лекар кој има идеја, да дејствуваме  заеднички и организирано во рамките на нашите надлежности, бидејќи тоа е единствениот начин за реализација на нашите цели. Би сакала да потенцирам и дека јас како претседател и Комората како организација секогаш сме тука за да ги заштитиме лекарите, но мора да сме свесни дека таа заштита не може да биде безусловна, затоа што така се прави штета на сите нас. Условот кој е поставен и на кој се инсистира е професионално и стручно работење со доследна примена на сите етички норми и правила на однесување, истакна претседателката на Комората, проф. д-р Калина Гривчева Старделова во своето обраќање за време на настанот.

Доделени благодарници по повод  31 година од постоење на Лекарската комора ФОТО/ Лекарска комора

Заменик претседателот на Комората, доц. д-р Беким Исмаили во своето обраќање потенцираше дека со одбележување на денот на основањето на Комората се потсетуваме на сите доктори кои го трасираат патот во нејзиниот развој.

-Ветуваме дека ќе го продолжиме нивниот пат и ќе бидеме сервис на нашите колеги за добра благосостојба на лекарската фела. Исто така, ви се заблагодаруваме на вас колеги за вашата посветеност на работа при грижата за здравјето на нашите пациенти. Вие сте столбот на Комората и овој ден е наменет за вас, истакна доц. д-р Исмаили.бт/аа/

Фото: Лекарска комора

Остани поврзан