• понеделник, 30 декември 2024

Доброволното противпожарно друштво – Кочани доби опрема како донација од Италија

Доброволното противпожарно друштво – Кочани доби опрема како донација од Италија

Кочани, 8 октомври 2024 (МИА) – Доброволното противпожарно друштво – Кочани доби нова опрема како донација од владини претставници и противпожарни друштва од провинцијата Пиемонте во Италија.

Со тоа педесетината кочански пожарникари волонтери почнуваат поширока акција за обезбедување опрема за лична заштита, во која покрај домашни, ќе бидат вклучени и донатори од странство. 

-По иницијатива на нашиот сограѓанин, иселеник во Италија, Даниел Костадиновски, а со помош на Марко Габуси, кој е владин службеник, и професионалните и пожарникарите доброволци Даниел Кора, Рафаел Кордаро и Мирко Цириоти беше обезбедена и веќе ни е испорачана опрема за интервенции при гасење пожари и за дејствување при поплави. Опремата се состои од заштитни шлемови, агрегати, пумпи за вода со придружни црева, униформи со опрема за лична заштита на пожарникарите, метални метли за гасење оган и друго, истакна Златко Илијев, претседател на ДПД – Кочани.

Со донираната опрема дополнително се зголемува капацитетот на единицата и се подобрува заштитата на пожарникарите – волонтери при интервенции на терен.

Од ДПД – Кочани, кое годинава го прослави третиот роденден, упатија јавна благодарност за несебичната поддршка и помош во развојот на Друштвото. та/мд/

фото: МИА

Остани поврзан