• сабота, 21 декември 2024

ДИЦ: Матурантката од СОУ „Свети Климент Охридски“ од Охрид не полагаше државна матура бидејќи не беше пријавена од Училишната матурска комисија

ДИЦ: Матурантката од СОУ „Свети Климент Охридски“ од Охрид не полагаше државна матура бидејќи не беше пријавена од Училишната матурска комисија

Скопје, 28 мај 2023 (МИА) - Матурантката Тијана Силјаноска од СОУ „Свети Климент Охридски“ од Охрид на 27.05.2023 не полагаше државна матура бидејќи од страна на Училишната матурска комисија на училиштето не е пријавена за полагање во Државен испитен центар, појаснуваат од ДИЦ околу проблемот со неможноста матурантката да полага државна матура.

- За појаснување, согласно законските и подзаконските акти за реализација на државната матура, учениците пополнуваат пријава во училиштата каде што се запишани најдоцна до 31 декември во тековната година. Потоа следува процес на внес на податоците во база од страна на училишните матурски комисии, обработка на податоци и доставување на списоци со кандидати од страна на ДИЦ до училиштата најдоцна до 15 февруари. Училишните матурски комисии списоците со кандидати ги проверуваат и доколку имаат направено грешки ги корегираат и истите со потпис и печат од училиштето ги враќаат во ДИЦ. Во случајов од страна на комисија на СОУ „Свети Климент Охридски“ од Охрид така е и постапено, односно списоците се вратени со потпис и печат, но немаат направено корекции дека ја имаат испуштено матурантката  Тијана Силјаноска, се вели во соопштението од ДИЦ.

Државниот испитен центар, се вели во соопштението, и понатаму останува отворен за соработка со сите матуранти и сите училишта и апелира до сите чинители во процесот на пријавување на државната матура многу внимателно да пристапуваат согласно нивните задолженија и надлежности. аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан