• недела, 22 декември 2024

Директорот на НВО „Глас на Ромите, Ашкалиите и Египќаните“ се сомнева дека нападот во Урошевац бил етнички мотивиран

Директорот на НВО „Глас на Ромите, Ашкалиите и Египќаните“ се сомнева дека нападот во Урошевац бил етнички мотивиран

Приштина, 13 ноември 2024 (МИА) –Директорот на косовската невладина организација „Глас на Ромите, Ашкалите и Египќаните“, Исак Скендери, во врска со настанот што се случи во понеделникот во Урошевац, каде маж со нож избоде четири лица, меѓу кои две малолетнички, вели дека сите жртви се припадници на малцинската етничка заедница на Роми, Ашкалии и Египќани и апелира да се откријат вистинските мотиви зад ова злосторство, јави дописникот на МИА од Приштина.

Скендери денеска на својата страница на Фејсбук напиша дека „таквиот модел“ на напад сугерира дека тој бил етнички мотивиран и претставува злосторство од омраза.

„Овој чин на насилство не може и не треба да се толерира. Дотолку повеќе, неговата вистинска природа не треба да се релативизира. Според првите извештаи, напаѓачот повредил случајни минувачи, но сите жртви припаѓаат на овие малцински заедници. Таквиот модел сугерира нешто подлабоко и многу повознемирувачко: етничка мотивација поттикната од омраза“, напиша Скендери.

Тој побара од властите правилно да го оквалификуваат злосторството од понеделникот, кога маж со нож повреди две 10-годишни девојчиња и двајца мажи на возраст од 30 години.

„Секој живот има вредност, а мотивот зад ова злосторство мора да се расчисти и соодветно да се казни. Градоначалникот на Урошевац потврди дека агресорот е уапсен по нападите, но од суштинско значење е детално да се истражат неговите мотиви, со оглед на јасното прашање со кое се соочуваме - кога ‘случајните’ жртви припаѓаат на една единствена етничка група, мораме да прашаме зошто“, се вели во реакцијата на Скендери.

Истакнувајќи дека „ова не е прво злосторство од омраза“, тој порача дека и овој настан покажува дека во Косово „не секој граѓанин се чувствува безбеден, ценет и почитуван“.

„Ова не е прво злосторство од омраза во нашето општество, насочено кон ромската, ашкалиската и египќанската заедница. За една толку мала земја, исполнети сме со многу инциденти мотивирани од етнички предрасуди и длабока нетрпеливост. Историјата покажа дека Ромите и другите заедници се држат маргинализирани, во понижувачки услови за да се задржат системите на социјална експлоатација. Неверојатно е дека ова продолжува да се случува и денес - заедниците да се користат за изливи на клевети и омраза. Во едно демократско, модерно општество како Косово не секој граѓанин се чувствува безбеден, ценет и почитуван“, пишува Скендери.иа/

Остани поврзан