• петок, 22 ноември 2024

Димоски: Театарот се приспособи на пандемијата, со успех го изведе интернет-проектот „Тој и таа“, се подготвува програмата за 2021 „Да се почне одново“

Димоски: Театарот се приспособи на пандемијата, со успех го изведе интернет-проектот „Тој и таа“, се подготвува програмата за 2021 „Да се почне одново“
Велес, 6 јануари 2021 (МИА) - Сашо Димоски од јуни годинава освен како драматург во НУЦК „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ е и на функцијата в. д. директор, а која му е продолжена со нов мандат за уште шест месеци. Велешкиот театар, кој во земјава е со најдолга и богата театарска традиција и бројна театарска публика, во годинава што изминува одигра шест премиери, но поради пандемијата изведе како никогаш досега минимални 40 театарски претстави. Мораше и се приспособи на новонастанатата состојба и со голем успех и интерес од онлајн публиката го направи и го прикажа интернет-проектот „Тој и таа“ во 12 епизоди. Во декември, кога вратите на театарот пак се затворени за публиката, ансамблот работи на претставата за деца „Шумската болница“ и други претстави, но засега не знае кога ќе бидат изведени во живо на сцената, а што ќе зависи пред сè само од ковид-состојбата. Димоски со своите колеги работи и на проектот за дигитализација на архивот на театарот. Се работи и на театарската програма за 2021 година насловена „Да се почне одново“, а и на реализација на идејата на репертоарот на велешкиот театар првпат од 2021 година да има и редовни балетски претстави. Димоски за МИА информира дека во тек е меѓународната селекција за ФАД Стоби 2021, кој поради пандемијата годинава не се одржа, а очекува дека со финансиска поддршка од Општина Велес следното лето пак ќе продолжи на сцената во античкиот амфитеатар во Стоби. Планира соработка и со независната и алтернативна сцена и уште многу други интересни разновидни проекти и гостувања. Но сепак нивната реализација ќе зависи пред сè од ковид-пандемијата во 2021. На што моментално работи Народниот театар, односно НУЦК „Јордан Хаци Константинов-Џинот“, што подготвува деновиве за возрасната публика, а што за најмалите - децата, и кога ќе има премиери, дали ќе биде во живо или онлајн? - Деновиве ги завршуваме подготовките за претставата „Шумска болница“, според истоимената поема за деца од познатата македонската и велешка писателка Македонка Јанчевска, а во режија на Слободанка Чичевска и драматургија на Катерина Момева. Станува збор за претстава со маскоти, кои за потребите на продукцијата ги реализира Катерина Чукниева, сценографското решение е на Филип Коруновски, авторската музика на Сашко Костов, а кореограф на претставата е Филип Петковски. Според поемата на Јанчевска, а како издание на издавачката куќа „Полица“, ќе биде публикувана и сликовница. Неодамна, пак, премиерно на фестивалот МОТ беше поставена сценската исталација „Херои 04:33“, а на сцената на театарот се случи и премиерата на монодрамата „Исмена“ (К. Момева/Е. Теова). Воедно овој период беше искористен за комплетно да се дигитализра архивот на театарот, кој наскоро ќе биде поставен како база на податоци со пребарувач на нашата веб-страница. Дигитализацијата на архивот на театарот што ќе содржи и што ќе значи за театарот? - Дигитализацијата на архивот на театарот е проект замислен во неколку фази на реализација. Првата фаза, на која тимски се работеше во периодот јуни-ноември е веќе завршена и со тоа се дигитализирани сите театролошки артефакти што се во владеење на театарот. Во следната фаза, во првата половина на 2021 година, овие артефакти ќе бидат поставени на веб-страницата на театарот со што ќе станат достапни за публиката како своевиден времеплов низ минатото на институцијата. Во последната фаза ќе се премине кон интерпретација на овие артефакти и нивно актуализирање преку различни медиуми. Колку премиери беа направени во 2020 година и колку публика имаше театарот споредено со 2019 и изминатите години, ако воопшто може да се спореди? - Годинава театарот имаше шест премиери. Пред пандемијата беа реализирани претставите „Сестрите Прозорови“ (С. Димоски/В. Зафирчев) и „Сара“ (К. Момева/Е. Теова). Непосредно по објавувањето на забраните што произлегоа од пандемијата, театарот ја префрли својата работа онлајн и во перидоот април-август го изготви и го реализира интернет-проектот во дванаесет епизоди „Тој и таа“ (Ж. П. Мартинез, Д. Дамјанвоски, С. Димоски, Ф. Коруновски) во кој учествуваше речиси сиот ансамбл. Летниот период беше посветен на фестивалите: со изведбата на претставата „Сестрите Прозорови“ беше отворена драмската програма на годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“, а беше затворен „Шишков“, додека интернет-проектот „Тој и таа“ беше прикажан на фестивалот „Град“ во Сараево. Во ноември, пак, портфолиото на театарот беше претставено на годинешното издание на „Kosovo theatre showcase“ во категоријата theater market. Вкупниот број репертоарни театарски изведби во 2020 година е само 40, што е неспоредливо со 2019 и изминатите години, кога велешкиот театар имал трицифрени и рекордни броеви на посетеност во земјава. Која претстава била најгледана годинава, со колку изведби и колку гледачи најмногу ја гледале? - Најизведувана претстава за 2020 година е „Сестрите Прозорови“ со девет изведби, од кои две фестивалски. Претставите секогаш беа распродадени. Колку од претставите во 2020 година биле финансирани од Министерство за култура, а колку од ваши сопствени средства? - Од вкупната продукција за 2020 година, два проекта беа реализирани од средствата добиени од Министерството за култура – „Херои 04:33“ и „Шумска болница“, останатите четири продукции и проектот за дигитализација на архивот беа реализирани со внатрешни ресурси. Колку ковид-пандемијата влијаеше на работата на театарот? - Изведувачките уметности се директно погодени од пандемијата, бидејќи е оневозможено непосредното искуство со публиката како такво, а што е и смислата на театарската уметност. Тоа се одразува на комплетниот начин на функционирање и работа на театарот. Дојдовте на функцијата в. д. на НУЦК „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ Велес во јуни 2020 година, среде пандемија на ковид, каква ситуација затекнавте во зградата на театарот, а која е нова по само шест години од свеченото отворање на 20 декември 2014. Но во помошните простории, некои работи не се целосно завршени. Воедно, каква е состојбата со кадар на велешкиот театар и дали има доволно од сите профили и што ви недостига. Освен на репертоарот, на што друго моментално сте ангажирани? - Направен е скрининг на објектот и имаме детален увид во неговата состојба. Постојат позиции што треба да се доработат. Што се однесува до кадарот, театарот има проблеми со внатрешната организација, на кои веќе се работи и кои очекувам да бидат решени во догледно време. Потребна е интервенција од страна на ресорното Министерство за култура и проблемот е веќе изложен. Во моментов го подготвуваме теренот за сезоната 2021 со наслов „Да се почне одново“. Покрај редовната активност – правењето театарски претстави, театарот ќе се насочи и кон други активности, а со цел тематско обликување на годишната програма и веќе се разработуваат идеите. Вие пред сè сте успешен и наградуван драматург, знам дека и понатаму работите и како ги усогласувате двете работи? Вработен сте во велешкиот театар во 2014 година. Според ваши текстови беа поставени претставите „Федра“, „Ана Комнена“ и „Шумата на моето дрво“, а за претставата „Кралските копилиња“ бевте и режисер. Во вашата успешна биографија врв е Рациновото признание за 2016 година за „Петтото годишно време“. Со добра организација на времето човек може лесно да ги реализира своите обврски. Кажете ми колку претстави планирате да прикажете премиерно со кои веќе конкуриравте за добивање финансиски средства од Министерството за култура и како жанровски ќе биде репертоарот на велешкиот театар во 2021 година? - Жанровски 2021 година е проектирана како разнородна година со цел да се задоволи вкусот на публиката од сите генерации и профили. Важноста на оваа програма е нејзиниот концепт, кој се темели на обединување во заедничка, сезонска целина. Предвидени се соработки со неколку институции, како и соработки со независната и алтернативна сцена. Воедно, новина и првпат на велешката сцена е и проширување на работата на институцијата преку редовни балетски претстави на репертоарот. Годинава, поради пандемијата на ковид, за жал, не се одржа ФАД Стоби 2020, дали сте во подготовки за ФАД Стоби 2021? - Она што можеме да го правиме – да си ја работиме својата работа. Меѓународната селекција за ФАД Стоби за 2021 е во подготовка и се надевам дека доколку дозволат условите во претстојната година на античката сцена во Стоби ќе имаме фестивал, 2021 е важна, јубилејна година за фестивалот. Секако, за негово одржување, како и во изминатите години, потребна е финансиската поддршка од Општина Велес, која го организира фестивалот, во соработка со театарот. Беше избран добитникот, но, за жал, поради ковид-пандемијата не се врачи големата актерска награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2020 година на актерот Слободан Степановски од битолскиот театар, а и според досегашната традиција не се одигра претстава во чест на победникот? - Штом ќе дозволат условите, претставата ќе биде одиграна и на лауреатот, актерот Слободан Степановски, свечено ќе му биде доделена наградата. Велешкиот театар редовно учествува на многу домашни и меѓународни фестивали и освојува бројни високи актерски награди, а има и бројни гостувања, што планира во 2021 година? - Планирани се учества на неколку фестивали во странство и штом ќе ги имаме прецизните датуми, кои секако зависат од здравствените услови, ќе бидете информирани. Антоанела Димитриевска

Остани поврзан