• петок, 05 декември 2025

Димитриеска-Кочоска: Создаваме предвидливо, стабилно и транспарентно опркужување за развој на приватниот сектор и градење доверба на граѓаните во институциите

Димитриеска-Кочоска: Создаваме предвидливо, стабилно и транспарентно опркужување за развој на приватниот сектор и градење доверба на граѓаните во институциите

Скопје, 13 ноември 2025 (МИА) - Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на инвеститорскиот појадок во Скопје порача дека Владата работи на создавање предвидливо, стабилно и транспарентно финансиско опкружување, со цел да се поттикне развојот на приватниот сектор и да се зајакне довербата на граѓаните во институциите. Таа истакна дека македонската економија бележи стабилен раст и најави нови финансиски инструменти, меѓу кои и граѓанска обврзница за безбедно инвестирање.

-Светската економија се наоѓа во период на прилагодување на новите монетарни политики, геополитички предизвици и брзи дигитални иновации. Во такви услови, како креатори на политики на национално ниво, внимателно ги следиме и анализираме глобалните текови и врз основа на тие сознанија носиме соодветни мерки. Нашата цел е да создадеме поволно бизнис-окружување и нови можности за економски раст, рече Димитриеска-Кочоска

Таа потенцира дека и покрај предизвиците што ги носи глобалното економско окружување домашната еконмија од средината на минатата година до вториот квартал од 2025 година бележи раст од над 3 проценти и дека тоа говори за стабилизација на економската активност, отпорност на економијата и ефективност на политиките.

Посочи дека растот на економијата за ова година е проектиран на 3,5 отсто и дека се очекува таквиот тренд да продолжи и во наредната година со раст од 3,8 проценти. Главен двигател, како што дополни, се бруто инвестициите, но дека значаен придонес има и кредитната поддршка за инвестициите, која во септември забележала раст од 16,5 проценти во корпоративниот сектор, како и кредитната линија на Владата за финансирање на инвестиции на приватните компании.

Таа пред присутните посочи дека Министерството за финансии континуирано работи на реформи во јавните финансии, поттикнување инвестиции и развој на нови финансиски инструменти што ќе ја поддржат иновацијата и конкурентноста.

-Во таа насока, во изминатиот период во Министерството за финансии интензивно се работеше на анализа на финансискиот пазар и трендовите во регионот и Европа во насока на диверзификација на понудата на финансиски инструмени за инвестирање, како и нивно модернизирање и поедноставување. Нашата цел е да се допре до сите интересни групи и да се излезе во пресрет на интересот на граѓаните, посочила министерката.

Оттука, дополнуваат од министерството, имајќи го предвид интересот на граѓаните за државните хартии од вредност, во Министерството се подготвува нова емисија на Граѓанска обврзница, која ќе биде наменета за граѓаните што сакаат да инвестираат безбедно и директно.ар/вј/

Фото:Министерство за финансии

Остани поврзан