• среда, 13 ноември 2024

Димитриеска-Кочоска: Го официјализиравме првиот дел од Договорот за заем, почнавме разговори за вториот дел од 500 милиони евра

Димитриеска-Кочоска: Го официјализиравме првиот дел од Договорот за заем, почнавме разговори за вториот дел од 500 милиони евра

Скопје, 9 октомври 2024

Со потпишување на Договорот со унгарската Експорт - импорт банка во Будимпешта се официјализираше првиот дел од Договорот за заем во износ од 500 милиони евра и воедно започнаа разговори за вториот дел од заемот исто така во износ од 500 милиони евра, кои се очекува да бидат одобрени до крајот на годината.

Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во својата изјава во Будмпешта, при што најави дека средствата согласно потпишаниот Договор ќе бидат на располагање следната недела.

„По потпишувањето на Договорот треба да испратиме документи за официјална исплата на средствата и веќе почнавме разговори за дополнителни 500 милиони евра коишто очекуваме да ни ги одобрат до крајот на годината, а потоа да бидат исплатени на почетокот на следната година. Со овие средства би се рефинансирала еврообврзницата којашто ќе доспее во јануари 2025 година“, рече министерката за финансии.

Оцени дека станува збор за одлична поддршка од Владата на Унгарија. „Станува збор за средства обезбедени во првите 100 дена, и тоа по многу поволни услови, односно 3,25% каматна стапка, којашто е многу ниска во услови на многу повисоки каматни стапки на меѓународните пазари“, рече Димитриеска-Кочоска.

Повтори дека средствата ќе бидат наменети за приватните компании преку Развојната банка и комерцијалните банки, како и за инфраструктурни проекти вклучително и општините.

„На тој начин, како што рече, очекуваме навистина многу поголема поддршка за економијата, поголем развој и реализација на веќе започнатото и на сето она што ќе почне да се реализира, а го ветувавме во рамки на програмата во текот на изборите“, изјави таа.

Министерката за финансии вчера во Будимпешта во име на Владата го потпиша Договорот за заем со унгарската Експорт - импорт банка, којшто е во согласност со Законот за задолжување на РС Македонија со заем кај унгарската Експорт – импорт банка, приватно друштво со ограничена одговорност, по Договор за заем за буџетско финансирање и финансирање на општи цели.

Со почит,

Одделение за односи со јавност

Министерство за финансии

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: МИА архива 

 

 

Остани поврзан