• недела, 22 декември 2024

ДЗР, невладините организации и медиумите заедно ја подготвуваат Годишната програма за работа на ДЗР во 2025 година

ДЗР, невладините организации и медиумите заедно ја подготвуваат Годишната програма за работа на ДЗР во 2025 година

Скопје, 18 ноември 2024 (МИА) – Интеракција на Државниот завод за ревизија (ДЗР) со невладините организации и продолжување на транспарентноста на ДЗР во процесот на подготвување на Годишната програма за работа за 2025 година е целта на работилницата на тема „Инклузија на граѓанските организации и медиумите во подготовка на Годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија за 2025 година” што денеска се одржува во Скопје.

-Постапувајќи согласно Упатството 9040 - добри пракси за транспарентност во работењето на врховната ревизорска институција, Државниот завод за ревизија во континуитет обезбедува консултации со невладините организации, информирајќи ги за процесот на почнување на подготвување на годишната програма за наредната година се со цел да обезбеди нивно видување кои субјекти или кои области би требало да бидат опфатени во Годишната програма за работа на ДЗР за 2025 година, изјави Максим Ацевски, главен државен ревизор на паузата на работилницата.

Тој нагласи дека како врховна ревизорска институција во текот на 2020 година имаат добиено мислење од Институтот за европски политики дека  ДЗР е најтранспарентна институција во државата, а во 2023 година од Транспаренси Интернешнл ДЗР е прогласен за најдобра институција во националниот систем за интегритет.

-Во суштина сакаме да ја продолжиме таа добра пракса на соработка со невладините организации и медиумите во делот на транспарентноста, известувањето за резултатите од работењето на ДЗР и обезбедувањето инклузива на невладините организации се со цел да обезбедиме ревизиона успешност на теми и области кои се од интерес на граѓаните и  даночните обврзници и да обезбедиме опфат на субјекти кои се материјално значајни за нашите граѓани, потенцира Ацевски. 

Согласно податоците кои се презентирани во Годишниот извештај започнувајќи од 2020 година до денеска, како што кажа, ДЗР континуирано известува за степенот на преземени мерки по дадените препораки од ревизиите.

-Процентот на прифатени препораки или преземени мерки по дадените препораки се движи од 71 до 81 отсто. Оваа година имаме 71 отсто и тоа е објективно поради тоа што имавме изборен процес и е потребно време во делот на транзицијата на власт додека се осознаат работите. Мислам дека  во овој момент веќе има забрзано темпо и поголемо внимание се посветува на утврдените состојби. Актуелната власт веќе интензивно на генерален колегиум на соодветна комисија на Владата ги разгледува голем дел од конечните ревизорски извештаи кои што повеќе од две години чекаа на разгледување. Затоа мислам дека процесот на преземање мерки по дадените препораки е на соодветно задоволително ниво, оцени Ацевски.     

Нормално е, додаде, по секоја транзиција на власт секој што доаѓа на власт да бара промена на одредени субјекти, да осознае каква е состојбата во правниот субјект кој го наследува.

-Укажавме на сите одговорни лица дека во суштина не можеме да ја менуваме Годишната програма на ДЗР врз основа на желбите и барањата на тековниот менаџмент. Ние сме врховна ревизорска институција  која треба да обезбеди независност во своето работење и затоа само дел од одредени субјекти ќе бидат предмет на ревизија. Сфаќајќи ја сериозноста во работењето на акционерските друштва и правните субјекти во делот на енергетика, сите субјекти ќе бидат повторно подложени на ревизија со Годишната програма за работа на ДЗР за 2025 година, рече Ацевски. 

Потсети дека во Конечниот ревизорски извештај за работењето во АД Македонски пошти, што беше објавен минатата недела, ДЗР во континуитет се утврдува негативен финансиски резултат и намалена солвентност и ликвидност во работењето.

-Има неповолни финансиски резултати и состојби кои се утврдени во делот на работењето на Акционерското друштво, како и намален квалитет на извршените услуги од нивна страна. Во ревизорскиот извештај дадени се одредени состојби кои упатуваат дека во суштина ако ги споредиме со просекот на светско ниво во делот на брзината на доставување на пратките имаме несоодветна брзина или соодветно забавување на достава на пратки, рече Ацевски. вј/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан