• недела, 22 декември 2024

ДЗР: Во Вишиот управен суд намален бројот на судии и на предмети по кои се постапува

ДЗР: Во Вишиот управен суд намален бројот на судии и на предмети по кои се постапува

Скопје, 12 јануари 2024 (МИА) - Државниот завод за ревизија (ДЗР) го објави конечниот извештај од извршената ревизија во Вишиот управен суд Скопје. Притоа, констатира дека за периодот 2020 - 2022 година бројот на предмети во работа бележи тренд на опаѓање.

-Напоменуваме дека на состојбата на решавање на судските предмети може да има влијание престанокот на судиската функција на 4 судии во Виш управен суд Скопје по основ на исполнување на условот за старосна пензија од јули 2022 година. Судиската функција во текот на 2022 година ја вршат претседател и 13 судии до 30.06.2022 година, а до крајот на годината 9 судии и претседател. Но, состојбата со број на судии во тек на вршење на ревизијата е намалена на 7 судии, а на претседателот на Виш управен суд Скопје истечен е мандатот на 08.11.2023 година.
Во насока на ажурно работење на судот, намалување на бројот на нерешени предмети и навремено решавање на предметите, постои потреба за навремено пополнување на предвидениот број на судии во Вишот управен суд Скопје, наведува ДЗР во Извештајот. 

Во делот Нагласување прашања за неизвесност и континуитет, ревизијата ја истакнува констатираната состојба за недобивање мислење од Советот за судската служба по однос на донесен интерен акт – Правилник за внатрешна систематизација и организација на работните места. Ревизијата истакнува и дека постои неизвесност која се однесува на претходни години, како и во тековната година, дека не се исполнува законски утврдениот минимален процент за обезбедување средства од 0,8 отсто од бруто домашниот производ за Судскиот буџет. За 2022 година се одобренни 0,29 проценти од законски утврдениот минимум.  

-Во делот на Останати прашања истакнуваме одредени системски слабости кои се однесуваат на различно уредување на начинот на пресметка на работното искуство со одредбите на Законот за платите на судиите и Законот за судската служба, пишува во Извештајот. 

Мислењето на ревизијата за финансиските извештаи е дека тие ја прикажуваат вистинито и објективно финансиската состојба на Вишиот управен суд Скопје. мч/дма/

фото: МИА архива

Остани поврзан