• четврток, 14 ноември 2024

Дејвис: Сега сме фокусирани само на Пелистер, за Веспрем ќе размислуваме по дербито

Дејвис: Сега сме фокусирани само на Пелистер, за Веспрем ќе размислуваме по дербито
Скопје, 24 март 2022 (МИА) – Македонскиот ракометен шампион Вардар го очекуваат натпревари со Еурофарм Пелистер во домашното првенство и со Веспрем во Лигата на шампионите. Тренерот на „црвен-црните“ Давид Дејвис на денешната прес-конференција рече дека сите погледи се насочени кон дербито со Пелистер. - Во моментов сите сме фокусирани на Еурофарм Пелистер. Одиме на победа на овој меч. Противникот е многу силен. Не чека тежок натпревар, но играме пред своја публика и верувам дека со голема борба на теренот ќе победиме. Мораме да победиме, ќе дадеме 100 насто, но тоа не значи дека се е готово, бидејќи има уште многу натпревари до крајот. Мислам дека македонските љубители на ракометот ќе уживаат во убава претстава, истакна Дејвис. Левото крило на Вардар, Тимур Дибиров дербито со битолчани не го гледа како меч којшто ќе го одлучи шампионот. -Не мислам дека овој натпревар ќе го одлучи првенството. Има уште многу да се игра до крај. Ова е само дуел кој ќе одлучи за моментална предност. Ние се однесуваме со респект кон Пелистер како кон сите други противници. Ќе биде тешко, но како и секогаш ние одиме на победа. Можеме до целта со посветена работа и голема борбеност и се надевам дека ќе ги израдуваме нашите фанови, рече Дибиров. Капитенот Стојанче Стоилов гледа прогрес во работата на тимот по назначувањето на Давид Дејвис за шеф на стручниот штаб. -Со доаѓањето на Дејвис на тренерското место, работите во клубот одат во нагорна линија. Мислам дека сме на прав пат да го вратиме Вардар каде што припаѓа, полека без никакво претерување со нашите амбиции. Играме пред нашите навивачи и во оваа прилика им честитам на Комити 35-годишно постоење. Се надевам на полна сала и победа на Вардар, нагласи Стоилов. Натпреварот Вардар – Еурофарм Пелистер е закажан за в сабота со почеток во 17 часот. На овој натпревар навивачите на Вардар, Комити ќе прослават јубилеј 35-години постоење. зс/

Остани поврзан