• недела, 22 декември 2024

Денови на мед во Куманово, надлежните од МЗШВ најавија поддршка за манифестациите кои промовираат македонски производи

Денови на мед во Куманово, надлежните од МЗШВ најавија поддршка за манифестациите кои промовираат македонски производи

Куманово, 3 октомври 2024 (МИА) - Мед, матичен млеч, прополис, мелеми и други пчелни производи се нудат на кумановци на манифестацијата „Денови на мед“ која денеска беше отворена на градскиот плоштад. Манифестацијата која се организира по 24-ти пат ја организира здружението „Пчела“. Оваа година има бројни излагачи. Пчеларите ќе добијат средства наскоро, а од идната година, средства ќе бидат одвоени за оваа и за манифестациите кои промовираат квалитетни македонски производи, најави министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство, Цветан Трипуновски.

-Денеска ми е чест што на покана на здружението „Пчела“ од Куманово сум на оваа манифестација којашто секогаш го привлекувала моето внимание, затоа што е добро организирана имаме квалиетени производи, може да се промовира квалиеттниот македонски мед од овој регион. Ваквите манифестации веќе од идната година ќе бидат сериозно поддржани од страна на Министерството и од Владата, сѐ со цел и во другите делови од државата да имаме промоција на овој квалитетен бренд. Ние како министерство постојано работиме на подобрување на условите на пчеларите и финансиски да ги поддржиме. Паралелно наша обврска и сме се обврзале да работиме во делот на контролта на она што значи неквалитетен мед што можеби се продава ширум Република Македонија, сѐ со цел да го заштитиме ова домашно квалитетно производство. Исто така еве можам да најавам дека веќе се подготвени налозите коишто се пуштени до Министерството за финансии за доплата на оние 200 денари кон сите пчелари во Република Македонија и веќе од наредните денови можат да ги очекуваат средствата на своите сметки, изјави министерот.

Тој дополни дека доплатата е двесте денари субвенција по кошничка за производители со над 50 кошници. Одговарајќи на новинарски прашања министерот за земјоделство кажа дека со ребалансот на буџетот обезбедени се 350 милиони денари, вкупно од кои 250 за „Национални пуми“ и 100 милиони денари за АД Водостопанство.

-Тие пари се префрлени на претпријатијата и веќе се исплатени задоцнетите плати, вработените навремено ги примаат обврските, со цел нормално да функционираат овие претпријатија, додаде министерот.

На отворањето на манифестацијата, претседателот на здружението „Пчела“, Бобан Стошевски рече дека крајна цел е да се заштити автохтониот кумановски мед.

-Наша цел ќе биде промоција и едукација на домашниот кумановски мед, заеднички членовите ќе ги едуцираме сограѓаните да консумираат само домашен мед и ќе се бориме против нелојалната конкуренција, рече Стошевски.

Претседателката на советот на општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска најави поддршка за здружението од општина Куманово, истакнувајќи дека општината има одлични производители.

„Пчела“ постојано работи во насока на промоција на пчеларството. Во моментов има над сто од различни генерации. Поискусните пчелари ги едуцираат помладите колеги и им нудат и менторски услуги. Производителите генерално се задоволни од потрошувачката и генерално од поддршката на надлежното министерство од субвенции, мерки за поддршка и модернизација на производството. „Денови на мед“ ќе траат три дена. ам/дма/


Фото: МИА

Остани поврзан