• недела, 22 декември 2024

Демонстрации во Мадрид против договорот меѓу социјалистите и каталонските сепаратисти

Демонстрации во Мадрид против договорот меѓу социјалистите и каталонските сепаратисти

Мадрид, 10 ноември 2023 (МИА) - Илјадници демонстранти вчеравечер се собраа пред седиштето на Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) во Мадрид поради договорот со каталонската сепаратистичка партија за давање амнестија на луѓето вклучени во неуспешниот обид за отцепување на Каталонија во 2017 година, јави Хина.

Лидерот на социјалистите и шпански премиер, Педро Санчез, од демонстрантите беше наречен предавник, откако тој со договорот за владина соработка му ветил амнестија на поранешниот каталонски премиер во егзил Карлос Пуџдемонт.

Санчез и Пуџдемон се договорија да донесат закон за амнестија за организаторите на забранетиот референдум за независност во 2017 година, што шпанскиот Парламент треба да го усвои во наредните денови.

Седма вечер по ред против овој закон се организираат протести пред седиштето на ПСОЕ, а на протест излезе и Сантијаго Абаскал, лидерот на десничарската партија Вокс, која е трета партија според бројот на пратеници во шпанскиот Парламент.

Демонстрантите носеа шпански знамиња, а некои фрлаа шишиња и други предмети кон седиштето на партијата. Полицијата реагираше и уапси шестмина демонстранти.

Регионалната влада извести дека 8.000 демонстранти се собрале пред седиштето на ПСОЕ, а протести се одржале и во Барселона, Валенсија и други градови. сд/

фото: Скриншот Евро Њуз

Остани поврзан