• недела, 22 декември 2024

Дел од европратениците во писмо до Каја Калас бараат санкции за грузиските власти

Дел од европратениците во писмо до Каја Калас бараат санкции за грузиските власти

Брисел, 2 декември 2024 (МИА) - Дел од пратениците на Европскиот парламент (ЕП) испратија писмо до новата висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, во кое повикуваат Европската комисија да иницира санкции против грузиските власти.

Писмото го објави на социјалната мрежа Икс европратеникот Михај Шчерба, кој посочи дека го потпишал заедно со европратеничката Раса Јукневичиене.

„Ние, долупотпишаните пратеници на Европскиот парламент, сакаме да ве повикаме да иницирате лични санкции против грузиските власти поради случувањата во кои актуелната владејачка партија во Грузија ја узурпира државата по наместените избори и ги задушува протестите на цивилното општество“, се наведува во писмото.

Европскиот парламент минатата недела усвои резолуција за Грузија, во која ја повика ЕУ да примени сеопфатен пакет лични санкции како одговор на, како што се наведува, масовните изборни неправилности пред и за време на парламентарните избори во октомври годинава.

ЕП ја повика ЕУ и нејзините земји членки да воведат лични санкции против официјалните лица и политичките лидери во Грузија „кои се одговорни за демократското назадување, кршењето на изборните закони и стандарди, административните злоупотреби и злоупотребата на државните институции“.

Меѓу нив се споменуваат грузискиот премиер Иракли Кобахиѕе, градоначалникот на Тбилиси и генерален секретар на владејачката партија „Грузиски сон“ Каха Калаѕе, претседателот на грузискиот парламент Шалва Папуашвили и поранешниот премиер Бидзина Иванишвили.

Пратениците побараа итен предлог за санкции од Калас до Советот на ЕУ, тврдејќи дека во Грузија е во тек „авторитарно заземање на државата“.

Владејачката партија „Грузиски сон“ неодамна соопшти дека Грузија ќе ги прекине преговорите за пристапување во ЕУ до 2028 година и ќе ги одбие сите буџетски грантови од Брисел, поради, како што наведуваат, „навредите“ од ЕУ, што предизвика протести во земјата.

Европскиот парламент ги прогласи последните парламентарни избори во Грузија за неважечки, тврдејќи дека тие „не ја одразуваат волјата на грузискиот народ“ и побара нови избори во рок од една година, под меѓународен надзор. ссм/

фото: архива

Остани поврзан