Делчево се мобилизира за помош на воен инвалид и неговиот 12-годишен син
- Со цел да му се помогне на семејството во овој тежок период, делчевчани веќе започнаа со конкретни активности. Организирана е акција за чистење и уредување на нивната куќа во селото Ветрен, како и обезбедување огревно дрво, облека и храна. Паралелно со тоа, се собираат и финансиски средства кои ќе бидат неопходни за време на лекувањето и закрепнувањето на Зоран по операцијата.
Делчево, 21 јануари 2025 (МИА) - Делчево деновиве ја покажува својата хуманост и солидарност, откако граѓаните се мобилизираа за поддршка на семејството Лесовски. Станува збор за Зоран Лесовски, воен инвалид, кој е соочен со претстојна операција, а живее сам со својот 12-годишен син Јован, откако мајката на детето починала пред неколку години.
Со цел да му се помогне на семејството во овој тежок период, делчевчани веќе започнаа со конкретни активности. Организирана е акција за чистење и уредување на нивната куќа во селото Ветрен, како и обезбедување огревно дрво, облека и храна. Паралелно со тоа, се собираат и финансиски средства кои ќе бидат неопходни за време на лекувањето и закрепнувањето на Зоран по операцијата.
За таа цел, јавно е објавена и трансакциската сметка на име Зоран Лесовски – 300007069835530 (Комерцијална Банка) на која хуманите граѓани можат да уплатат финансиска помош.
Иницијаторите на акцијата информираат дека поддршката од граѓаните е континуирана и дека секојдневно се нудат различни форми на помош, особено за основните потреби на малолетниот Јован.
Од локалната заедница посочуваат дека оваа хуманитарна иницијатива е уште еден доказ за заедништвото и човечноста на граѓаните на Делчево, кои и овојпат застанаа зад оние на кои помошта им е најпотребна.
Во целата приказна се вклучи Методи Митев од Хуманитарното здружение „Нашите ангели“ од Кочани. вс/вг/
Фото: МИА