• сабота, 20 април 2024

Делчево домаќин на настанот „Франкофонијата ја истражува Северна Македонија“

Делчево домаќин на настанот „Франкофонијата ја истражува Северна Македонија“

Делчево, 27 март 2024 (МИА) - Во организација на фондацијата Bel idéal во Делчево се одржа настанот „Франкофонијата ја истражува Северна Македонија“. 

Ова е втора година како фондацијата го организира овој настан, кој како што рече претседателката Јадранка Бојчовска Бенреждал, претставува патување на Франкофонијата низ Македонија, а учествуваат ученици од повеќе градови во државата.

-Ова е втора година како се организира овој настан и чест ми беше што вечерва овој спектакл се случи во Делчево. Учествуваа 117 ученици од осум градови и 11 училишта од цела Македонија. Беше интересно и убаво да се гледа како тие го зборуваат францускиот јазик низ игра и забава. Целиот труд ми беше поткрепен од професорките Билјана и Магде од Делчево и Пехчево на кои им се заблагодарувам за помошта и поддршката, вели Бојчовска Бенреждал.

На настанот присуствуваше и амбасадорот на Франција во РСМ, Сирил Бомгартнер кој рече дека Франкофонијата не е само францускиот јазик, туку и споделувањето заеднички вредности.

- Само сакам да напоменам дека на 20 март годинава го одбележавме Меѓународниот ден на Франкофонијата. Инаку знаеме дека Франкофонијата е францускиот јазик, но не само тоа, туку тоа подразбира и споделување на заеднички вредности, тоа се човековите права, слободата односно тоа се вредности кои се поважни повеќе од кога и да е. Насекаде во земјата има основни и средни училишта каде одреден број ученици го учат францускиот јазик и токму порафи тоа Франкофонијата живее во вашата земја, рече Бомгартнер.

Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковск во своето излагање на настанот рече дека Франкофонијата нуди голема можност за развој, соработка и меѓународен просперитет. 

-Ние, како граѓани на Македонија, треба да го цениме и да го негуваме нашиот однос со францускиот јазик и културата на франкофонските земји. Затоа и од овде, од Делчево испраќаме порака  да продолжиме да го поддржуваме учењето на францускиот јазик, да ги поддржуваме културните размени и соработката со франкофонските земји, и да ги негуваме нашите врски со оваа важна глобална заедница, рече Трајковски.

Заедно со францускиот амбасадор Бомгартнер со кого претходно остварија заедничка средба потенцираа дека Македонија е многу голем пријател на Франција, а тоа пријателство Трајковски очекува да биде возвратено на нашиот пат за остварување на нашите стратешки интереси (кон Европската Унија) и Франција да биде еден од нашите најголеми подржувачи на тој пат. 

Настанот посветен на Франкофинијата на кој гостин беше и градоначалникот на Пехчево, Александар Китански заврши со доделување награда на дел од учесниците, кои ќе учествуваат на седумдневниот камп на Франкофонијата кој ќе се одржи летово во Охрид. вс/са/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан