• понеделник, 23 декември 2024

Делегација од Град Скопје положи цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“ по повод 11 Октомври

Делегација од Град Скопје положи цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“ по повод 11 Октомври
Скопје, 11 октомври 2022 (МИА) - Делегација од Град Скопје, предводена од заменик градоначалникот Александар Трајановски и секретарот Зоран Глигоров, во чест на одбележувањето на државниот празник Денот на народното востание - 11-ти Октомври, денеска положија цвеќе пред споменикот Ослободители на Скопје, на платото пред Владата. - 11 Октомври, Денот на народното востание, ден кој е симбол на големата победа базирана на вредностите на слободата и човечкото достоинство. Сенародна борба против фашистичкиот окупатор е пример за пркос и желбата да се опстои на вредностите во кои искрено се верува. На овој ден, како и многупати претходно, ја потврдивме и означивме својата повеќевековна борба за самобитноста и самостојноста на  Македонија. Прославувајќи го овој ден и сеќавајќи се на жртвите, ние со чест и благодарност се поклонуваме пред ваквата борба и пред олтарот на сите паднати борци за слободна и самостојна Македонија, и продолжуваме со нашите заложби и труд за продолжување на мисијата која значи постојано создавање на нови дела и вредности, се наведува во соопштението од Град Скопје. Со оваа борба, се додава, нашиот народ на најдобар можен начин го докажа својот државотворен капацитет и право на изградба на самостојна, суверена и слободна држава. -Прославувајќи го 11 Октомври, оддаваме почит кон славното дело на нашата историја, но во исто време се инспирираме за успех, истрајност и лична жртва за напредокот и развојот на современа држава. Нека ни е честит и вековит општонародниот празник 11 Октомври! Нека ни е успешна и вечна татковината, наведуваат од одделението за односи со јавност на Град Скопје. вг/бак/

Остани поврзан