• четврток, 21 ноември 2024

Делегација на Комисијата за европски прашања на пленарна седница на КОСАК во Будимпешта 

Делегација на Комисијата за европски прашања на пленарна седница на КОСАК во Будимпешта 

Скопје, 29 октомври 2024 (МИА) - Делегација од Комисијата за европски прашања од Собранието на Република Северна Македонија учествуваше на пленарната седница на Конферецијата на парламентарните комисии за европски прашања на земјите членки на ЕУ (КОСАК), што се одржува во Будимпешта, Унгарија.

Како што соопшти Владината прес-служба, пленарната седница на КОСАК била организирана како дел од парламентарната димензија на унгарското претседателство со Советот на ЕУ, а домаќин на седницата била Комисијата за европски прашања на Унгарското национално собрание.

На дводневната Конференција се дебатирало за резултатите од унграското претседателство со Советот на ЕУ, состојбата на Европската Унија во годината на институционална транзиција и 15-годишната примена на Договорот од Лисабон, како и за европските демографски трендови. Меѓу говорниците бил и спикерот на националното собрание на Унгарија, Ласло Ковер, потоа унгаскиот министер за европски работи Јанош Бока, потпретседателот за меѓуинституционални односи и предвидување на Европската комисија, Марош Шефчовиќ, како и потпретседателот на Европскиот парламент, Естебан Гонзалес Понс.

Во дебатата на Конференцијата, парламентарците разговарале за очекувањата на граѓаните и различните земји членки, за улогата и функционирањето на Унијата и нејзините институции. Меѓу очекувањата на парламентите на земјите-членки на ЕУ беше и поактивна политика на проширување и забрзување на процесот на европска интеграција на Западен Балкан.

Делегацијата на македонското собрание ја предводел Игор Здравковски, кој е и заменик претседател на Комисијата за европски прашања, како и нејзините членови Миле Лефков и Илир Хасани. 

-На конференцијата излагања имаа и членовите на Делегацијата од Собранието, кои истакнаа дека сите приоритети на Унгарското претседателство, претставуваат и приоритети за Република Северна Македонија, но се потенцираше дека приоритетот кој се однесува на проширувањето е директно значаен за Република Северна Македонија. Во своето обраќање во рамките на темите, заменик претседателот на Комисијата за европски прашања, Игор Здравковски, посочи дека Република Северна Македонија и Националното собрание продолжуваат доследно да работат на спроведување на реформите, притоа почитувајќи ги и ценејќи ги сите разлики и предизвиците со кои се соочува и ЕУ. Тој нагласи дека ние како држава сме целосно посветени на спроведувањето на нашите стратешки приоритети, а тоа е членството во ЕУ. Во своето излагање Здравковски го потенцираше значењето на продолжувањето на процесот на придружување на земјите кандидати за членство во ЕУ, како  важен  процес за земјите од Западен Балкан, кој е неопходен за стабилност и мир во регионот, се вели во соопштението од Собранието. 

Членот на Комисијата, Миле Лефков истакнал дека процесот на пристапување е дефиниран со бројни обврски и одлуки, додавајќи дека Европската Унија мора да биде кредибилен партнер кој преку различни механизми на ангажман и присуство во регионот, ќе им овозможи на земјите кандидати за членство во ЕУ побрзо и поефикасно да ги исполнат своите обврски, без поставување ултиматуми.

Во својот говор Илир Хасани се фокусирал на важноста на политиката за проширување на ЕУ, предизвиците во регионот и желбата на Република Северна Македонија да се приклучи на Европската Унија. Хасани потенцирал дека влезот на Македонија во Европската Унија не значи само исполнување на критериумите на преговарачките кластери и усогласување со законодавството на ЕУ, туку, пред сè, има за цел да ги подобри условите за живот на сите наши граѓани.

Пратениците ја истакнале улогата на националните парламенти како темел на демократскиот и институционален систем на ЕУ, кои играат клучна улога во политиката на проширување на Унијата. Во дискусијата исто така беше истакнато дека внатрешните реформи на ЕУ не смеат да се спротивстават и да ја забавуваат политиката на проширување, која се покажа како една од најуспешните политики на Унијата.

На Конференцијата се разговарало и за безбедносната и одбранбената политика на ЕУ, како и за важноста на дијалогот, парламентарната дипломатија и кохезијата и стабилноста на европските институции за зајакнување на колективната одговорност и надминување на предизвиците. сст/аа/

Фото: Собрание

Остани поврзан