• вторник, 14 јануари 2025

Дебранки кршеа василичарска погача, најсреќна Доста Штерјовска

Дебранки кршеа василичарска погача, најсреќна Доста Штерјовска

Дебар, 13 јануари 2025 (МИА) -  Дебранки вечерва  кршеа василичарска погача, продолжувајќи ја традицијата воспоставена пред повеќе од три децении.

Погачата ја подготви Весна Миновска, каде лани се падна паричката, а сега најсреќна беше Доста Штерјовска, која од Миновска доби подароци.

-  Ме радува што ја продолжуваме оваа традиција и посакувам уште долго, долго да трае. Секако среќна сум што паричката се падна кај мене. Посакувам здравје, среќа, хармонија во моето и во секое семејство, рече Штерјовска, професор по одделенска настава.

Утре, што е стара традиција во овој крај, поголем број од домаќинките, ќе подготват пита или како што дебрани го нарекуваат виткан комат со паричка, која каде ќе се падне се верува дека носи среќа цела година.

Карактеристика за дебарскиот регион се и децата суројчари. 

Тие утре треба да ги посетат православните домови и да посакаат весела и плодна година. Во рака држат, како што се нарекува суројца во форма на крст или китка, составена од страк од лозница, гранчиња од леска, дрен, даб и босилек заврзани со црвен конец. Домаќините ги даруваат пред се со пари, но и со благо, костени, ореви и овошје. вт/дма/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан