• недела, 24 ноември 2024

Дебата НКЕУ-МК: Со засилени финансиски истраги и заплена на имот ќе се оневозможи посилно ширење на криминалните структури во државава

Дебата НКЕУ-МК: Со засилени финансиски истраги и заплена на имот ќе се оневозможи посилно ширење на криминалните структури во државава

Скопје, 30 октомври 2024 (МИА) – Спроведување на европските стандарди и политиките за борба против финансискиот криминал како дел од организираниот криминал, меѓуинституционална и меѓународна соработка, усвојување Национална стратегија за борба против организираниот криминал, зајакнување на разузнавачките и оперативните капацитети на агенциите за спроведување на законот, задолжителни финансиски истраги и приоритет на случаите, како и дигитализација на процесите и интероперабилност на институциите, се дел од препораките на учесниците на Сесијата на НКЕУ-МК за Поглавјето 24 „Предизвиците во борбата со финансискиот криминал во Северна Македонија: Важноста на ефикасните финансиски истраги“.

Државниот секретар во МВР Сашо Петрушевски истакна дека неопходно е да имаме проактивен и ефикасен континуиран пристап од страна на сите државни органи кои се вклучени во овој процес. 

-Не само борбата со организираниот криминал и корупцијата, туку и борбата со криминалните приноси од криминалните и криминогените структури во земјава и пошироко затоа што со одземање на нивниот имот или водење на финансиски истраги или со заплена на имотот ќе им дадеме до знаење дека и ќе им оневозможиме појако ширење на криминалните структури во Северна Македонија, рече Петрушевски.

Потсети дека почнувајќи од 2017 година Владата донела Национална стратегија за јакнење на капацитетите во борбата со финансиски истраги и конфискација на имотот како и Планот за активности. 

-Во моментот во владина процедура се наоѓа нова стратегија 2024-2028, која се базира на усогласување на подзаконските и законските процедури во Северна Македонија со европското законодавство, каде ги усогласивме или ќе се усогласат голем дел од законодавните законски и подзаконски акти. Тука влегуваат 10 национални институции кои беа вклучени во оваа работа, и ги дадоа и нивните потреби за да може реално да функционира сето ова, за да може на база на заедничка инкорпорација на сите потреби и мислења и анализи на оваа работа да функционира овој процес, рече Петрушевски.

Според него, анализите покажале дека има слабости во функционалноста на Националната стратегија за јакнење на борба против организациониот криминал и Национална стратегија за борба против финансиските измами и конфискација на имотот. 

-По доследна анализа и сеопфатна анализа на база на податоци преземени се неколку чекори каде што во 2024 година се донесени неколку закони за да може борбата против организираниот криминал и корупцијата да оди заедно со финансиските истраги и конфискација на имотот. Значи, донесен е Закон за управување со конфискуван имот и имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка. Новина во овој закон е што се предвидува по 2 проценти од продадениот имот после извршена конфискација и продажба средствата да бидат од Буџет уплатени на институциите кои се засегнати односно кои се вклучени во овој процес, а тоа се финансова полиција, Јавното обвинителство, МВР и Царинската управа. Замислата на ова се’ е да јакнењето односно средствата кои се потребни за борба против финансиските измами да може да се конфискува имотот е да овие четири национални институции јакнат во таа борба со тие средства и да има поттик да таа борба биде уште поголема и појака, истакна Петрушевски.

Додаде дека е предвидена и новина со која е оставен простор за социјална употреба или ресоцијализација на имот, имотната корист која не може да се продаде по пат на лицитација. Значи, тоа е усогласено со некои држави или голем дел на држави од ЕУ каде што ова е веќе пракса. 

Мартин Сироватка од Националната агенција за организиран криминал при МВР на Чешка, нагласи дека според проценките на Европол, околу 140 милијарди евра се создаваат преку организиран криминал годишно.

-Со оглед на бројот на пресуди, дојдовме до заклучок дека ова не функционира затоа што главните сторители можат да уживаат во стекнатиот профит дури и кога отслужуваат затворска казна и дури за нив вреди неколку години да чекаат во затвор за потоа кога ќе излезат да ги уживаат добивките, рече Сироватка. 

Прашањето, според него, е како да се справиме со организираниот криминал, а одговорот е да се таргетираат незаконски стекнатите добвки, за да не се исплати кривичната дејност. 

-Кога станува збор за финансиските истраги, тоа претставува следење, документирање и заплена на имот стекнат од незаконски дејности. Финансиската истрага во Чешка се спроведува во три главни фази – детектирање или следење на кривично стекнатиот имот, и конечно управување со запленетиот имот, рече тој.

Посочи дека финасиската истрага во Чешка е изградена врз пет главни темели – тоа се принципот на универзалност, експертиза, адаптибилност или различните алатки од секаков вид, принципот на полициска заплена и меѓуагенциска соработка.

Националната координаторка на НКЕУ-МК и претседателка на Европско движење, Милева Ѓуровска, потсети дека извештите на ЕК многу често во последните години не предупредуваат за високото ниво на корупција која троши околу една третина од сите јавни ресурси што ги создаваме, ја поткопува довербата и ја поткопува довербата во институциите.

-Во нив е посочена потребата за побрзи судски истражни постапки, особено во делот на финансиските измами. Дигиталните технологии што се употребуваат во сите сфери, и во доменот на финансиите, и отворените финансиски пазари, даваат можности за многу големи манипулации, кои треба да бидат спречени. А за тоа се потребни посилни капацитети, подобра опрема, обучени кадри, ажурирани регулативи за спречување на перењето пари, рече Ѓуровска.

Таа истакна дека е неопходен координиран систем меѓу сите надлежни институции, засилена соработка со меѓународните партнери, бидејќи овој вид криминал е од транснационален вид. 

На сесијата говореше и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев кој рече дека за да се докаже финансиски криминал мора да се докаже целиот пат на парите, а за тоа од клучно значење е меѓуинституционална соработка, како и меѓународната соработка, која е најнеопходна, бидејќи, вели, криминалците најчесто парите ги вртат и преку повеќе земји од надвор. Кажа дека за да се докаже финансиски криминал мора да се докаже целиот пат на парите, а за тоа од клучно значење е меѓуинституционална соработка, како и меѓународната соработка, која е најнеопходна, бидејќи, вели, криминалците најчесто парите ги вртат и преку повеќе земји од надвор.  

Директорот на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски рече дека на патот кон евроинтеграциите од исклучителна важност е да ги унапредуваме нашите капацитети од аспект на финансиски истраги. 

-Неопходна е тимска работа, континуирана соработка и јасна визија. Преку синергијата со институциите со заедничко делување се движиме кон заеднички цели и за заштита на националните интереси, рече Ивановски, додавајќи дека преку дигитализацијата ке се овозмжи директен увид во работењето институциите, рече Ивановски.

Трпе Стојановски, НКЕУ-МК експерт, професор на Факултетот за безбедност, УКЛО-Битола истакна дека има напредок во делот на јакнење на институциите во борба против организираниот криминал, но имаме сиви зони во ефикасноста и продукцијата. 

Според него, продолжува како сериозен проблем меѓуинституционалната соработка во државата и соработката со земјите во регионот и Европа.

Емилија Мизо-Димков, обвинителка, Основно јавно обвинителство Скопје, рече дека за ефикасна финансиска истрага потребни се соодветни капацитети на институциите. 

-Во зародиш е Истражниот центар во рамки на Обвинителството, каде има 8 истражители, чијшто број треба да се зголеми. Обвинителството од неодамна воспостави директна поврзаност преку контакт лица во обивнителството со одредни институции. Потребно е дополнително да се зајакнат персоналните и техничките капацитети како на обвинитлството така и на другите органи за финансиски истраги, рече Мизо-Димков. нд/ев/

Фото: МИА, Принтскрин

 

Остани поврзан