• сабота, 23 ноември 2024

Дебата на НКЕУ-МК: Секоја промена на изборен модел треба да претходи на опсежна анализа, да се почитуваат препораките на ОБСЕ/ОДИХР

Дебата на НКЕУ-МК: Секоја промена на изборен модел треба да претходи на опсежна анализа, да се почитуваат препораките на ОБСЕ/ОДИХР
Скопје, 27 мај 2021 (МИА) - Прашањата за реформи во изборниот систем се актуелни не само кај нас туку и кај европската јавност, и нивна цел е да се надмине демократскиот дефицит. Изменувањето на изборните системи не треба да не одвлекува од дискусијата за препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Секоја промена на изборен модел треба да претходи на опсежна анализа и јавна дебата. Ова беа заклучоците од дебатата „Дали се потребни реформи во изборниот систем“ во рамки на четвртата пленарна сесија на Националната конвенција за ЕУ во Северна Македонија (НКЕУ-МК). Рената Дескоска, професор на Правниот факултет при УКИМ-Скопје, рече дека промената на изборните системи преовладува пред речиси секој изборен циклус. Вели дека во моментов е поприоритетно да се разговара за имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР за регуларноста на локалните избори, отколку да се разгoвара за промена на изборен модел или за други прашања кои не се релевантни токму пред претстојните локални избори во земјава. -Сега е вистинскиот момент, по локалните избори, во еден догледен период да имаме процес на опсежна анализа, на разговори околу темелна реформа на изборниот законик и таа реформа да се случи во пристоен рок, пред одржувањето на изборите, а не како досегашните искуства во очи на избори, спротивно на добрите меѓународни практики да се прават измени на изборниот закони, рече Дескоска. Таа вели дека кога би се отворил изборниот законик, едно од прашањата кое ќе се постави е прашањето за изборниот модел. -Кога ќе се води дебата околу тоа, факт е дека треба да се води сметка за два интереси - едниот е дека треба да обезбедите претставеност на политичките партии и различните интереси во Парламентот, но треба да водите сметка и за обезбедување на стабилност во рамките на Парламентот бидејќи треба да имаме функционален Парламент, а не Парламент којшто е блокиран, рече Дескоска. Дескоска смета дека и евентуална измена на изборниот модел, во смисла воведување една изборна единица, факт е дека треба да биде следена со воведување изборен праг, дали од три или пет проценти, зависи од тоа како ќе се направат анализи. Оценува дека една изборна единица без никаков изборен праг би било штетно од аспект на функционалноста на Парламентот. Словачкиот амбасадор Хенрик Маркуш, кој учествуваше на дебатата, рече дека изборните реформи се исклучително важни, а реформата на изборниот систем е директно поврзана со поквалитетен живот на граѓаните во секоја земја. Порача да се применат препораките од експертите на ОБСЕ/ОДИХР во најголема можна мера. -Во врска со изборната реформа не би сакал да шпекулирам премногу во врска со ова, затоа што постојат многу препораки од експертите на ОБСЕ/ОДИХР и очекувам да бидат следени во најголема можна мера без да се компромитираат, затоа што тие се добри препораки и се разбира мора да ги прилагодите на потребите на вашата земја, рече Маркуш. Словачкиот амбасадор оцени дека целиот тој процес мора да оди рамо до рамо со процесот на пристапување во ЕУ на земјава. Кеара Касталдо, советник за избори, ОБСЕ, Канцеларија за демократски институции и човекови права, рече дека секоја земја членка на ОБСЕ има право да избира свој изборен модел, но ОБСЕ/ОДИХР се грижи тоа да биде во согласност со меѓународните стандарди. -ОДИХР има право да критикува одредени компоненти кои се однесуваат на нарушување на правата на гласачите во однос на регионот на ОБСЕ, доколку постои голема разлика меѓу гласачка моќ и колку гласачи се потребни да се избере еден претставник и во пропорционални системи независните кандидати на кои не им е дозволено да се кандидираат, тоа би било прекршување на стандардите на ОБСЕ/ОДИХР, рече Касталдо. Таа оцени оти е многу тешко да се изработат ваквите политики, како на пример бројот и обемот на изборните единици, едноставноста на разбирање на списоците кај гласачите, помала фрагментација, помала географска застапеност на членови во Парламентот, исто така, според неа, и малцинствата би можеле да добијат помала застапеност. -Друго прашање е бројот на изборни единици и на партии и можната фрагментација и формирањето на стабилна Влада, натаму прашањето на отворени наспроти затворени листи и дали тоа ќе има поголема контрола од страна на партиите, за разлика од граѓаните, а друга важна предност е дека гласачите ќе бидат запознаени со индивидуалните платформи на кандидатите, како дополнување на платформите на самите партии, рече таа, додавајќи оти треба да се води сметка и за родовото прашање. Раул Муресан проектен координатор – Поддршка на изборите во Западен Балкан при Канцеларија за демократски институции и човекови права на ОБСЕ, истакна дека дискусијата за изменувањето на изборниот систем не треба да не одвлекува од дискусијата за препораките. -Тоа треба да бидат два различни процеси, едниот треба да биде многу технички, како да се направи многу добар список, а од друга страна промена на изборниот систем е многу политичка одлука и е потребна е политичка волја за промените, вклучително и во однос на резултатите, оцени тој. Вели дека во Северна Македонија речиси секоја година се одржуваат избори и оти тоа има влијание и врз електоратот. Во врска со препораките истакна дека 49 препораки се делумно или нецелосно спроведени и оти има уште многу работа да се направи на тој план. -Би сакал да нагласам дека едно од клучните начела за тоа каков ќе биде изборниот систем не би требало да е клучно прашање во изборната реформа С Македонија. Секоја промена на системот треба да се одвива во рамките на соодветен и транспарентен процес во еден инклузивен формат и дијалог и тоа треба д биде разгледувано од техничка страна од експерти, а не за тоа да се одлучува само од политичка страна, рече Муресан. Тој оцени дека е потребно време за ваков процес за да може јавноста да одлучи за резултатите, односно да се подобри учеството на јавноста во изборниот процес. нд/са/            

Остани поврзан