• вторник, 24 декември 2024

Дебарските гимназијалци ја воодушевија публиката со изведбата на „Сомнително лице“

Дебарските гимназијалци ја воодушевија публиката со изведбата на „Сомнително лице“

Дебар, 5 мај 2023 (МИА) - Во Центарот за култура - Дебар пред преполна сала, дебарските гимназијалци премиерно ја изведоа претставата „Сомнително лице“ од авторот Бранислав Нушиќ, во режија на професорот Џевит Мифтароски, а подржана од Министерство за култура.

- Уметноста она што го нуди, е простор каде духот слободно може да дише. Се надевам дека беше така и за Вас почитувани пријатели, кои ја проследивте претстава „Сомнително лице“ од Нушиќ, чиј текст нема рок на траење и чиј автор никогаш не излегува од мода, рече Мифтароски, обраќајќи се до публиката по завршувањето на претставата.

Во изјава за МИА, тој не го криеше задоволство да се работи со младите актери, заради нивната посветеност, љубов кон уметноста и желбата за докажување и покажување на својот талент пред публика.

- Горд сум на моите актери и актерки кои уметноста ја сфаќаат онаква каква што и е и целта, различните да се спојат создавајќи уметност, имајќи предвид дека во сите досегашни тринаесет претстави, глумеле и сеуште глумат средношколци од различни етнички и религиски групи, што сметам дека и дава малку повеќе тежина на целата оваа активност која трае еве веќе втора деценија. Задоволен сум од она што го прикажавме со целата моја екипа, но повеќе од тоа ме прави среќен што публиката ја сочинуваа сите етнички и религиски групи во градот, и Дебар и дебарчани уште еднаш докажаа дека биле и сè уште се пример за соживот, соработка и почит меѓу себе, изјави Мифтароски.

Задоволството не го криеше и директорот на дебарската гимназија „28 Ноември“ Рамадан Имери, кој им честиташе и рече дека треба да вложуваме во младите, во нивното образование, зашто тие треба да ни обезбедат подобра иднина, ветувајќи дека и понатаму ќе ги поддржува ваквите настани.

Публиката, со бурен аплауз ги награди Анес Фазлиоски во улогата на началникот Јеротие, Христијан Јаковлевски (Виќа), Едиса Абазовска (Анѓа), Емсада Јонузоска (Марица), Ернан Мифтароски (курирот), Михаела Јосифовска, Азра Чупи, Леона Муслиоска, Леонида Абазовска, Севдан Јакуп, Сара Муслиоска, Адела Маловска.  

Досега, во режија на професорот по македонски јазик и литература, Мифтароски, пред дебарската публика се прикажани вкупно тринаесет драмски претстави како од домашни автори Васил Иљоски, Миле Поповски така и од странски Карло Голдони, Стеван Сремац, Бранислав Нушиќ, а интересот на публиката е сè поголем и поголем.

Мифтароски го честиташе и 5 Мај - Денот на македонскиот јазик со пораката на Блаже Конески „Јазикот ни е нашата единствена татковина". вт/цр


Фото : МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан