Две години Доналд Туск – мали успеси, неисполнети ветувања
- Кога Доналд Туск пред две години стана премиер на Полска, во него беа положени големи надежи. Сепак, досега тој разочара многу гласачи – но и покрај неуспесите, тој не размислува за пензионирање.
16 декември 2025
Дојче Веле
Кога Доналд Туск пред две години стана премиер на Полска, во него беа положени големи надежи. Сепак, досега тој разочара многу гласачи – но и покрај неуспесите, тој не размислува за пензионирање.
Либерална Европа беше воодушевена кога полскиот премиер Доналд Туск ја презеде функцијата на 13 декември 2023 година. Проевропскиот политичар му докажа на целиот свет дека со демократски средства може да се победи десно-популистички режим, под чија контрола беа судството, медиумите, културните институции и државните институции.
Како водач на опозицијата, лидерот на либерално-конзервативната Граѓанска коалиција (КО) мобилизираше многу млади гласачи во Полска. По изборите, тој успеа да состави шарена коалиција од три политички блока. Иако овие партии имаа различни традиции, тие делеа заедничка цел: да ја соборат од власт десно-конзервативната партија на Јарослав Качињски „Право и правда“ (ПиС).
Слаби резултати во анкетите, слаби коалициски партнери
Две години подоцна, Туск и неговата Влада се најдоа во криза. Неговиот изборен сојуз КО има добри резултати на анкетите и стабилно води со повеќе од 30 проценти, но истото не може да се каже за неговите коалициски партнери. Новата левица (НЛ) моментално балансира на прагот од пет проценти, а другите два коалициски партнери, Полска 2050 и Полска селанска партија (ПСЛ), се значително под тоа.
Полјаците за помалку од две години ќе мора повторно да излезат на гласачки места, но ако парламентарните избори би се одржале овој викенд, десно-конзервативните и крајно десничарските партии ќе имаат јасно мнозинство во Парламентот.
Според најновата анкета на Институтот UCE Research, 42,6 проценти од Полјаците негативно ја оценија актуелната Влада. Позитивно ја оценија малку помалку од една третина, додека речиси една четвртина од испитаниците немале мислење. Други агенции дошле до уште полоши резултати.
Обновата на владеењето на правото е тешко
Обновата на владеењето на правото, големото изборно ветување на Туск, се покажа како многу потешко од очекуваното. Десничарскиот конзервативен претседател Анджеј Дуда направи сè со своето вето да го запри процесот на Владата. Уставниот суд, како и Врховниот суд, пружија горчлив отпор на сите обиди за деполитизација на судството. А исполнувањето на ветувањето дека корумпираните претставници на претходната влада брзо ќе бидат изведени пред судот се одвива исклучително бавно. На пример, поранешниот министер за правда Збигњев Зиобро, обвинет за корупција и злоупотреба на моќ, најде засолниште во Унгарија и останува недостапен за полското судство.
Туск година и пол ги смируваше критичарите очекувајќи успех на својот кандидат на претседателските избори во летото 2025 година. Либералниот градоначалник на Варшава, Рафал Тшасковски, требаше да стане претседател и да ја отстрани политичката блокада. Но, тој план не функционираше. На изборите победи поддржувачот на Трамп, Карол Навроцки.
Тој е уште подесничарски ориентиран од неговиот претходник Дуда и не крие дека сака да ја собори владата на Туск. Од почетокот на август, Навроцки веќе спречи усвојување на 17 закони со своето вето – речиси колку што имаше неговиот претходник за десет години.
Реализиран само дел од изборните ветувања
Доналд Туск, искусен во надворешната и внатрешната политика, сепак успеа да забележи некои успеси. Благодарение на неговите меѓународни контакти, тој ја заврши изолацијата на Полска во Европската Унија и ги нормализираше односите со најважните европски партнери, Германија и Франција. Тој постигна средствата за помош од времето на пандемијата на коронавирусот, кои Брисел ги блокираше, конечно да почнат да пристигнуваат во Полска – досега 93 милијарди злоти (околу 22 милијарди евра). И покрај високата задолженост, економијата силно расте.
Сепак, Туск оствари само мал дел од своите предизборни ветувања. Ветувања како што се правото на абортус до дванаесеттата недела од бременоста или удвојувањето на ослободениот дел од приходот сè уште чекаат исполнување. Туск досега не успеа да ги протурка регистрираните животни партнерства, кои би важеле и за истополовите парови, бидејќи е пресилен отпорот на конзервативните сили во неговата сопствена коалиција.
Со поместување кон десно во миграциската политика и построг пристап кон украинските воени бегалци, Туск се обиде да ја добие поддршката од конзервативните гласачи, но со тоа ги налути своите либерални поддржувачи. Построгиот тон кон Германија, особено барањето за обесштетување за сè уште живите жртви од Втората светска војна, требаше да ги негира обвинувањата на опозицијата дека дејствува во интерес на Германците.
Мрачни перспективи пред парламентарните избори во 2027 година
Пред неколку месеци, во медиумите се разгоре дискусија за тоа дали Туск треба предвреме да се пензионира за да се направи место за политички „непотрошен“ наследник, на пример министерот за надворешни работи, Радослав Сикорски. Но, Туск не размислува да се откаже.
Неодамна, Туск успеа да ги добие симпатиите на своите сонародници затоа што Европската комисија ја ослободи Полска од обврската да прифаќа бегалци во рамките на механизмот за распределба во рамките на реформата на политиката за азил. Како свој успех, премиерот може да го наведе и брзото одобрување од Европската комисија за државни субвенции од милијарди за изградба на првата нуклеарна централа во Полска. „Успеавме!“, напиша тој на платформата Икс.
Сепак, и покрај сè, две години по изборната победа, дури и медиумите блиски до Владата тонат во песимизам. „Требаше да биде поинаку“, коментираше Бартош Вјелински во „Газета Виборча“. Полска е „во политички клинч“, закана од стагнација, напиша заменик-главниот уредник.
И покрај ова, Туск продолжува да биде борбен. „Ќе победиме на следните избори, за кражбата повторно да не стане принцип на дејствување на владата“, рече Туск неодамна во Варшава. „Резултатот од соништата од 40 проценти“ е на дофат – под услов да ја „изградиме Полска каква што сонуваат обичните луѓе“, заклучи полскиот премиер.