• петок, 22 ноември 2024

Двајца летонски европратеници осомничени за примање мито  

Двајца летонски европратеници осомничени за примање мито  

Брисел, 7 септември 2023 (МИА) - Канцеларијата за спречување и борба против корупцијата (КНАБ) при Јавното обвинителство на Летонија иницира кривична постапка за поткуп, измама и злоупотреба на службената положба против двајца летонски европратеници. 

Станува збор за Нилс Ушаковс, поранешен градоначалник на Рига и Андрис Америкс, негов заменик, кои се товарат дека во периодот кога биле на овие функции склучиле договор со приватна компанија за обезбедување бесплатен јавен превоз за пензионерите и учениците во градот, за што, според  КНАБ, од мај 2018 до април 2020 година добивале мито во готовина на месечно ниво во износ од 30 отсто од приходот на добавувачот. Според истрагата, со ова двајцата актуелни европратеници му нанеле штета на Градот Рига од околу 10 милиони евра. 

Барањата за одземање на пратеничкиот имунитет на Ушаковс и Америкс е веќе доставено до Европскиот парламент и за денеска е предвидено претставници на КНАБ да ги презентираат доказите пред Комисијата за правни прашања на ЕП.  

Ушаковс ги отфрла ваквите обвинувања, тврдејќи дека тој и Америкс се жртви на политички процес што се води против него. 

- Опуштен сум затоа што знам дека не направив ништо лошо, изјави Ушаковс, тврдејќи дека наводите на Обвинителството се политички мотивирани и оркестрирани од владејачката конзервативна партија Единство и летонскиот премиер Кришјанис Каринш. 

Ушаковс, кој доаѓа од редовите на опозициската Социјалдемократска партија „Хармонија“ (СДПС), во 2021 година беше осомничен за поставување уреди за неовластено снимање во неговата градоначалничка канцеларија, но обвиненијата беа отфрлени од страна на летонскиот суд поради недостиг на докази. Тој во 2018 година беше и под истрага дека неовластено потрошил над 8 милиони евра пари на даночните обврзници за сопствена промоција. 

Сепак, Ушаковс е уверен дека ќе ја докаже својата невиност. - Не сум под стрес и ако треба дури и да одам на суд и уште еднаш да докажам дека обезбедувањето бесплатен превоз за пензионерите и децата е добра работа, изјави Ушаковс. 

Евентуалното одземање на пратеничкиот имунитет на европратеник може да трае со месеци, па дури и со години. По разгледувањето на доставените докази и сослушувањето на осомничените европратеници, Комисијата за правни прашања зад затворени врати ќе решава за нивниот имунитет, по што треба да достави препорака до Европарламентот. За одземање на пратенички имунитет се одлучува со гласање на пленарна седница на ЕП. Дури и Европарламентот да реши да им го одземе имунитетот, европратениците имаат право на жалба до Судот на правдата на ЕУ. 

Тоа дополнително може ја одолговлече целата процедура, за што доказ е случајот со поранешниот претседател на каталонската регионална Влада и европратеник Карлес Пуџдемонт, чија постапка за одземање на пратеничкиот имуните е заглавена во Судот на правдата од 2021 година. сп/ссм/

Фото: ЕПА

Остани поврзан