• четврток, 27 јуни 2024

Двајца загинати во тропската бура во Јапонија, 130.000 домови без струја

Двајца загинати во тропската бура во Јапонија, 130.000 домови без струја
Токио, 20 септември 2022 (МИА) - Две лица загинаа, а повеќе од сто се повредени во тропската бура што донесе обилни дождови низ Јапонија, го парализираше сообраќајот и остави илјадници домови без струја, соопштија денеска властите.
Агенцијата за управување со пожари и катастрофи соопшти дека загинатите биле пријавени вчера во префектурата Мијазаки на главниот јужен остров Кјушу. Еден маж бил пронајден во потопен автомобил на фарма, а друг под одрон.
Министерството за економија и индустрија, пак, соопшти дека повеќе од 130.000 домови, главно во областа на островот Кјушу, и денеска се без струја.
Сообраќајот денеска главно се нормализира бидејќи луѓето се вратија на работа по продолжениот викенд. Брзите возови и најголемиот дел од копнениот сообраќај продолжија да сообраќаат, но десетици летови беа приземјени во североисточна Јапонија.
Јапонската метеоролошка агенција објави дека бурата го напуштила копното на Јапонија и се упатила кон Тихиот Океан во близина на северниот брег на Јапонија.
Нови штети се пријавени во јужниот дел на Јапонија каде тајфунот Нанмадол удри во текот на викендот пред да ослабне додека се движеше кон север.
На островот Танегашима, јужно од островот Кјушу, оштетен е ѕидот на вселенскиот центар на Агенцијата за воздухопловство и истражување, соопшти Министерството за економија и индустрија. Се проценува степенот на штетата на објектот каде што се склопуваат ракетите. паг/
   

Остани поврзан