• четврток, 19 декември 2024

За Предлог-законот за рестриктивни мерки потребно е да се создадат дополнителни можности за спроведување на правните аспекти, вели Џафери за МИА

За Предлог-законот за рестриктивни мерки потребно е да се создадат дополнителни можности за спроведување на правните аспекти, вели Џафери за МИА

Скопје, 6 февруари 2024 (МИА) - Техничката Влада се очекува на денешната седница повторно да го разгледа Предлог-законот за рестриктивни мерки, кој беше повлечен од собраниска процедура. Премиерот на техничката Влада Талат Џафери во интервју за МИА вели дека една од причините за повлекувањето е дека во составот на Владата имало несогласувања околу текстот на законот. Потребно е, вели тој, да се создаваат нови дополнителни можности за да се спроведат правните аспекти, но, додава дека, законот треба да се гледа и од политички контекст за да биде исполнета неговата цел.

-Добро, административно прво и по однос на претставниците, дали ќе бидат исти, нема да бидат исти. По однос на дилемите коишто се отворија во јавноста без да се гледа текстот, искрено јас и не стигнав да го видам текстот таму бидејќи по надлежноста таму и немав обврска да го гледам текстот како материјален дел. По однос на статусот овде сметав дека е посоодветно да се повлече, особено што како информација имав дека внатре во составот на Влада имаше несогласување околу текстот, рече Џафери.

Во предложениот текст, потенцира тој, има „состојби“ кои не се совпаѓаат со нашиот правен систем, и во таа смисла потребно е да се создаваат нови дополнителни можности за да се спроведат правните аспекти. Но, на овој закон, според Џафери, не треба да се гледа само од правен, туку и со политички контекст за да биде прифатена неговата цел.

-Моето гледиште е политички, како политичко решение во смисла создавање предуслови за зацртување на предусловите за борбата против корупцијата и организираниот криминал. И ако тоа би требало да биде додадена вредност за напорите на државата за справување со таа појава во тој контекст е политичка одлука во смисла да се создаваат нови можности, дополнителни можности за да се спроведат правните аспекти, она што е конкретната борба и во тој контекст мислам дека е неопходно да се гледа законот, не стриктно само од правен аспект, туку и од политички контекст да се гледа работата пошироко за да ја има прифатливоста по однос на целта која што се поставува пред законот. Правниот дел, професионалниот дел, јас не би сакал да го оспорам секако фелата си има право да си ги гледа и затоа и е правната фела, меѓутоа покрај правниот аспект државата има политички обврски и можности и потреби кон граѓаните да излезе со дополнителни мерки по однос на борбата со корупцијата, рече Џафери во интервјуто за МИА. ев/ац/

ФОТО: МИА

Остани поврзан