Г20 во Јоханесбург: Украина, Блискиот Исток и глобалните реформи во фокусот
- Главни теми на агендата се конфликтот на Блискиот Исток и војната на Русија во Украина. Сепак, земјите во развој, како Јужна Африка, Бразил и Индија, се фокусирани на прашањата за реструктурирање на глобалните институции, адаптацијата кон климатските промени и поправедниот економски развој.

Јоханесбург, 20 февруари 2025 (МИА) - Министрите за надворешни работи на групата Г20 денеска се собраа во Јоханесбург, каде ќе одржат дводневен состанок, јави ДПА.
Главни теми на агендата се конфликтот на Блискиот Исток и војната на Русија во Украина. Сепак, земјите во развој, како Јужноафриканската Република , Бразил и Индија, се фокусирани на прашањата за реструктурирање на глобалните институции, адаптацијата кон климатските промени и поправедниот економски развој.
Русија ќе биде претставена од министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, додека од Кина се очекува присуство на министерот Ванг Ји. Од САД ќе присуствува дипломат од американската амбасада, бидејќи државниот секретар Марко Рубио ја откажа посетата поради спор со Јужноафриканската Република околу законот за експропријација на земјиште.
Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, ќе биде претставена од службеник од германското Министерство за надворешни работи.
Г20 обединува 19 земји, Европската Унија и Африканската Унија, претставувајќи околу 80 отсто од светската популација и повеќе од 85 проценти од глобалната економска моќ. ссм/
фото: ЕПА