• понеделник, 23 декември 2024

Грција утре организира Самит на високо ниво во рамките на Процесот за соработка во ЈИ Европа

Грција утре организира Самит на високо ниво во рамките на Процесот за соработка во ЈИ Европа
Атина, 9 јуни 2022 (МИА) - Лидерите на државите и владите на земјите членки во Процесот за соработка во Југоисточна Европа, меѓу кои и премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски, утре ќе учествуваат на Самитот во Солун што го организира Грција со што завршува грчкото претседателство со ПСЈИЕ, јави дописничката на МИА од Атина. Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека со самитот ќе претседава грчкиот премиер Кирјкос Мицотакис, а поканети се и германскиот кацелар Олаф Шолц и претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел, кои ќе присуствуваат во улога на набљудувачи. -Премиерот Кирјакос Мицотакис, кој ќе претседава со Самитот, ќе биде домаќин на шефовите на држави и влади во Солун за да разговараат за иднината на регионот во критичен момент што повеќе од кога било ја нагласува важноста на зајакнувањето на добрососедските односи, но и подготовката на земјите од нашиот регион за нивна интеграција во евроатлантските институции, рече Иконому. Додаде дека освен Грција на Самитот учествуваат Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Косово, Хрватска, Црна Гора, Молдавија, Романија, Србија, Словенија и Турција. Одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, дали се планирани билатерални средби на грчкиот премиер со негови колеги од балканските земји, Иконому рече дека дополнително ќе биде објавена програмата, но веројатно Мицотакис ќе се сретне само со премиерката на Молдавија, бидејќи „агендата на Самитот е густа и богата“. Во Солун, освен Самитот на високо ниво, ќе се одржи и состанок на шефовите на дипломатиите од земјите од Процесот за соработка во Југоисточна Европа, а за таа цел, министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас во изминатиот период ги посети земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија. ср/са/

Остани поврзан