Грција и Турција заедно ќе се борат против криумчарите на мигранти и нелегалната миграција
- Двајцата министри се согласија да работат заедно во борбата против криумчарењето мигранти и да ја зајакнат соработката против нелегалната миграција, пишува во заедничкото соопштение на министерот за миграција и азил на Грција Димитрис Керидис и министерот за внатрешни работи на Турција Али Јерликаја, по нивната средба во Анкара, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 24 октомври 2023 (МИА) – Двајцата министри се согласија да работат заедно во борбата против криумчарењето мигранти и да ја зајакнат соработката против нелегалната миграција, пишува во заедничкото соопштение на министерот за миграција и азил на Грција Димитрис Керидис и министерот за внатрешни работи на Турција Али Јерликаја, по нивната средба во Анкара, јави дописничката на МИА од Атина.
Керидис вчера беше во официјална посета на Анкара, а како што соопштија од Министерството за миграција и азил на Грција разговорите поминале во позитивна клима.
Јерликаја го претставил напредокот што Турција го постигнала во борбата против криумчарите и ја изразил решителноста на неговата Влада да се справи со нелегалната миграција.
Грчкиот министер пак го поздравил напредокот постигнат во Еврос, но го потенцирал зголемениот број нелегални заминувања кон грчките острови во источниот дел на Егејското Море.
-Двајцата се согласија дека остануваат апсолутно посветени на решавање на проблемот со нелегалните криумчарења и ги разгледаа дополнителните форми на соработка меѓу двете земји во пресрет на свикувањето на Високиот совет за соработка што ќе се одржи во Солун во декември, соопштија од Министерството за миграција и азил на Грција.
Паралелно, Керидис го поканил неговиот турски колега да ја посети Атина , покана што била прифатена од Јерликаја. ср/сд/
Фото: Министерството за миграција и азил на Грција