• сабота, 21 декември 2024

Грција денеска избира 21 претставник за Европскиот Парламент 

Грција денеска избира 21 претставник за Европскиот Парламент 

Атина, 9 јуни 2024 (МИА) – Меѓу 1.168 кандидати од 31 партија, нешто помалку од десет милиони Грци денеска ги избираат нивните претставници во Европскиот парламент, а земјата добива 21 пратеничко место од вкупно 720 во ЕП, јави дописничката на МИА од Атина.

Гласачките места се отворени од 7 до 19 часот, право на глас имаат 9.796.330 граѓани, првпат ќе гласаат родените во 2007 година, а бројот на нови гласачи е 111.500.

Граѓаните ќе имаат можност да одберат најмногу четворица кандидати од една партија.

Европските избори во Грција овој пат имаат и особена важност, поради фактот што за првпат се воведе поштенско гласање за сите, односно и за оние кои живеат во странство и за оние кои се во земјата, а на специјалната платформа за гласање по пошта биле пријавените 202.000 граѓани. 

Традиционално веднаш по затворањето на гласачките места, во 19 часот, медиумите во соработка со агенциите за рејтинг ќе објават предвидување на изборниот резултат, односно т.н exit polls, кои доста често го најавуваат победникот. 

Првите официјални резултати од Министерството за внатрешни работи на Грција, кое е и надлежно за пребројувањето на гласовите, се очекува да бидат соопштени околу 21 часот по локално време, кога ќе се знае и колку партии го поминале изборниот праг од три отсто и обезбедиле место во Европскиот Парламент.

На европските избори во 2019 година Нова демократија доби 33 отсто од гласовите и осум европратеници, СИРИЗА беше втора со 23,75 проценти и шест пратенички места, ПАСОК, Комунистичката партија и Златна зора имаа по двајца европратеници, а Грчко решение еден претставник во Европскиот Парламент. 

Оваа година, истражувањата на јавното мислење во Грција во изминатиот период прогнозираат убедлива победа на Нова демократија, веројатно со двојно повеќе гласови пред опозициската СИРИЗА, но и мала излезност и на овие избори. 

На парламентарните во јуни минатата година, излезноста беше 52,82 отсто, што значи дека речиси половина од граѓаните со право на глас, одбрале да не гласаат, додека пак за денеска прогнозите сè уште попесимистички, со оглед на тоа дека традиционално интересот е помал кога станува збор за евроизбори. 

Речиси шест од десет кандидати за европратеници се мажи

Грчкиот Центар за либерални студии (КЕФИМ) неодамна објави анализа на профилот на кандидатите за европратеници во земјата, а главниот заклучок беше дека претежно се мажи, на возраст од околу 50 години, адвокати, академци, лекари и новинари.

Од кандидатите, речиси шест од десет, односно 58 отсто се мажи, 42 проценти жени, а просечната возраст на мажите е 53 години, на жените 50 години, најголем број жени-кандидатки имаат СИРИЗА и Нова левица, а најмалку Нова демократија, ПАСОК, Грчко решение и Победа.

Со високо образование се 36 отсто од кандидатите, 22 проценти имаат завршено постдипломски студии и 19 отсто имаат докторати, а најзастапени професии се адвокати, академици, доктори, новинари и уметници

Нова левица има најголем процент на кандидати со докторат (38 отсто), ПАСОК има најголем процент на кандидати со диплома и магистерска диплома (38 отсто), а Комунистичката партија има најголем процент на кандидати со диплома (62 отсто).

Околу 150 новинари, дописници, фоторепортери, од кои 50 се од странски медиуми од 11 земји, меѓу кои и од Северна Македонија се акредитирани да ги следат утрешните евроизбори во Грција, споре

Акредитирани околу 150 новинари

За следење на денешните евроизбори во Грција акредитирани се околу 150 новинари, дописници, фоторепортери, од кои 50 се од странски медиуми од 11 земји, меѓу кои и од Северна Македонија, а како и за секој изборен циклус во земјата, отворен е специјален прес-центар во палатата Запио во центарот на Атина.

Освен неопходните услови за новинарите да го следат изборниот процес, во прес центарот има и просторија за интервјуа и прес конференции во случај некој од лидерите на политичките партии да сака да даде изјава за медиумите.

-Голем број претставници на грчки и меѓународни медиуми изразија интерес да бидат акредитирани за покривање на европските избори на 9 јуни 2024 година од прес-центарот во Запио. До денес се акредитирани околу 150 новинари, дописници, фоторепортери и членови на екипи на телевизиски станици, од кои 50 претставуваат меѓународни медиуми, од 11 земји (САД, Германија, Франција, Обединетото Кралство, Белгија, Бугарија, Кина, Северна Македонија, Турција, Египет, Обединетите Арапски Емирати), соопштија од Генералниот секретаријат за медиуми. ср/

Фото: МИА

Остани поврзан