• среда, 08 мај 2024

Група од СИРИЗА предводена од кандидатката за лидер Ахциоглу на чекор пред напуштање на партијата

Група од СИРИЗА предводена од кандидатката за лидер Ахциоглу на чекор пред напуштање на партијата

Атина, 20 ноември 2023 (МИА) – Под сегашните околности не се создаваат услови за опстојување со актуелното раководство на партијата, брифирале извори од групата од СИРИЗА предводена од кандидатката за партиски лидер и пратеничка Ефи Ахциоглу за грчката новинска агенција АНА-МПА по вчерашниот состанок, јави дописничката на МИА од Атина.

На состанокот одржан преку телеконференција со учество на над 1.000 членови од цела Грција, биле разгледани следните чекори на т.н. група 6+6 во која има седум пратеници од СИРИЗА, а според грчките медиуми, прашање на време е кога групата ќе соопшти напуштање на партијата. 

Истите извори за АНА-МПА навеле дека „заедничка процена е дека лидерството на СИРИЗА е одговорно за кризата со елементи на распаѓање, со кое се соочува партијата“.

По изборот на Стефанос Каселакис на лидерската позиција, најголемата грчка опозициска партија е во криза, веќе ја напуштија одредени членови и групата предводена од поранешниот министер за финансии Ефклидис Цакалотос, а двајца пратеници веќе се независни, со што пратеничката група од 47, остана со 45 пратеници.ср/сд/

Остани поврзан