Гроси: Иран изрази подготвеност за технички разговори со МААЕ
- Иран изрази подготвеност да ги обнови техничките разговори со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во однос на својата нуклеарна програма, изјави денеска шефот на агенцијата Рафаел Гроси.
Сингапур, 25 јули 2025 (МИА) - Иран изрази подготвеност да ги обнови техничките разговори со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во однос на својата нуклеарна програма, изјави денеска шефот на агенцијата Рафаел Гроси.
Тој потврди дека МААЕ инсистира на обновување на инспекциите по израелските и американските напади минатиот месец, насочени кон иранските нуклеарни капацитети и преземање средства за контрола на потенцијалот за производство на нуклеарно оружје.
– Планираме да започнеме со технички детали, а потоа да преминеме кон консултации на повисоко ниво. Тие сѐ уште не вклучуваат физички инспекции, рече Гроси за време на посетата на Сингапур.
Заменик министерот за надворешни работи, Казем Гарибабади во средата изјави дека Техеран се согласил да му овозможи пристап на технички тим од МААЕ во следните недели, но без посета на нуклеарните објекти, бидејќи постои безбедносен ризик.
Гроси додаде дека сѐ уште нема нови информации од Иран во врска со состојбата и локацијата на околу 400 килограми високо збогатен ураниум, и потенцираше дека тоа ја прави навремената интервенција неопходна. ссм/
фото: архива