• понеделник, 23 декември 2024

Грковска и Алиу: Донаторската поддршка е клучна за ефективна дигитална трансформација за поквалитетен живот на граѓаните

Грковска и Алиу: Донаторската поддршка е клучна за ефективна дигитална трансформација за поквалитетен живот на граѓаните

Скопје, 25 октомври 2023 (МИА) - Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, заедно со министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, организираа конференција на донатори за дигитална трансформација, на која се дискутираше за приоритетите и предизвиците на патот кон дигитализирано општество и економија. Конференцијата следи по минатогодишната средба со донаторската заедница, на која беше постигната согласност околу потребата за координирање на проектите, со цел да се избегне нивно преклопување и да се зголеми ефективноста, соопшти владината прес-служба.

Вицепремиерката Грковска упати благодарност за доставените листи со донаторски проекти, кои придонесуваат за колективно обликување на дигиталниот пејзаж во Северна Македонија. 

-Придонесот на донаторите е од непроценливо значење, а нивната поддршка е клучна во придвижувањето на дигиталната трансформација на општеството“, истакна вицепремиерката Грковска, нагласувајќи  дека напорите за дигитализација на јавните услуги целат кон ефикасно исполнување на потребите и очекувањата на нашите граѓани, согласно принципите на добро управување.

Министерот Алиу, во своето обраќање изрази уверување дека дигиталната трансформација е одлична можност за нашата земја да ја зголеми конкуренцијата, да воведе иновации и да го подобри квалитетот на живеење. 

Оваа конференција доаѓа во важен момент, каде што сите земји се соочуваат со големи предизвици и можности да ги унапредат и трансформираат општествата преку технологија и иновации. Додека светот доживува длабоки технолошки промени, наша должност е најдобро да ги искористиме овие можности за подобрување на квалитетот на животот на нашите граѓани, рече министерот Алиу.

На настанот беа презентирани тековните активности и идни планови на МИОА насочени кон реализација на главната цел за целосно дигитализирана јавна администрација. Исто така, беа споделени информации и околу напорите за координација на донаторите воспоставени од Секретаријатот за европски прашања.

На конференцијата учествуваа претставници на Делегацијата на Европската Унија, амбасадите на САД, Обединетото Кралство,  Швајцарија, Словенија, Грција и Романија, како и претставници на УНДП, УСАИД и Германското друштво за меѓународна соработка. љм/са/

Фото: Влада на РСМ

Остани поврзан