Грета Тунберг се придружи на активисти – со брод тргна кон Појасот Газа за да ја пробие блокадата
Катанија, 2 јуни 2025 (МИА) - Климатската активистка Грета Тунберг заедно со уште 11 активисти вчера попладне исплови од сицилијанското пристаниште Катанија со намера да ја „разбие израелската блокада“ на палестинската територија – Појасот Газа.
Едрилицата „Медлин“, управувана од активистичката група Коалиција на Флотилата на слободата, има за цел да достави хуманитарна помош и да ја подигне „меѓународната свест“ за тековната хуманитарна криза.

„Без разлика на шансите, мора да продолжиме да се обидуваме“, изјави Тунберг расплакана. „Моментот кога ќе престанеме да се обидуваме е моментот кога ја губиме нашата човечност. И колку и да е опасна оваа мисија, не е ниту приближно толку опасна колку молкот на светот пред геноцидот што се емитува во живо.“ Израел остро ги отфрла обвинувањата за геноцид.
Во екипажот се и актерот од серијата „Игра на тронови“ Лијам Канингем и француската европратеничка со палестинско потекло Рима Хасан, на која ѝ е забранет влез во Израел поради нејзиното противење на војната во Газа. Активистите очекуваат да им требаат околу седум дена за да стигнат до Газа – доколку не бидат запрени претходно.
Во мај, Израел делумно ја ублажи блокадата, дозволувајќи ограничена хуманитарна помош, но ОН и големите хуманитарни организации предупредуваат дека блокадата, безбедносниот вакуум и честите грабежи ја прават доставата на помош речиси невозможна за околу два милиони Палестинци.
Тунберг претходно требаше да се приклучи на друга мисија во почетокот на мај, но обидот пропадна откако бродот „Совест“, исто така од Флотилата, беше нападнат од два дрона додека пловел во меѓународни води кај брегот на Малта. Групата ја обвини израелската војска за нападот, при што беше оштетен предниот дел на бродот. ссм/
фото: ЕПА