• петок, 22 ноември 2024

Граѓаните на Црна Гора утре избираат меѓу Ѓукановиќ и Милатовиќ

Граѓаните на Црна Гора утре избираат меѓу Ѓукановиќ и Милатовиќ

Подгорица, 1 април 2023 (МИА) - Во Црна Гора утре се одржува вториот круг од претседателските избори, а во финалната трка се актуелниот шеф на државата и кандидат на ДПС, Мило Ѓукановиќ, и кандидатот на Движењето „Европа сега “ (ПЕС), Јаков Милатовиќ.

Во првиот изборен круг Ѓукановиќ освои 119.673 гласови (35,37 отсто), а Јаков Милатовиќ 97.858 гласови (28,92 отсто) од гласачите кои излегоа на гласање. Излезноста беше 64,06 отсто.

Право на глас во вториот круг од изборите за претседател на Црна Гора имаат исто толку избирачи запишани во избирачкиот список, што беше затворен на 8 март пред првиот изборен круг - 542.154 граѓани.

Мандатот на претседателот е пет години.

Со изборот меѓу двајца кандидати, граѓаните избираат меѓу минатото, сегашноста и иднината. Доколку победи, ова ќе биде трет мандат на Ѓукановиќ како претседател на Црна Гора.

Кампањата во пресрет на вториот круг од изборите се одвива со малку поостар тон во однос на оној во пресрет на првиот круг, но за разлика од претходниот, во овој нема никакви инциденти.

Ѓукановиќ (61) е „апсолутно убеден“ во својата победа уште од изборната ноќ по првиот изборен круг и смета дека никој не му е рамен, а на граѓаните им вети подобар стандард на реални основи, зачувување на граѓанската држава и членство во ЕУ во следните пет години.

Добар дел од говорите на Ѓукановиќ во кампањата му беа посветени на Србија, нејзиното наводно влијание врз сето тоа што се случува во Црна Гора со цел нејзино дестабилизирање, ширењето на таканаречениот „српскиот свет“ и обидите, како што рече, да владее со земјите од регионот - Црна Гора, БиХ, Северна Македонија и Косово.

Тој смета дека меѓународната заедница е наклонета кон официјален Белград, особено во дијалогот со Приштина и оценува дека Србија нема да може да го поднесе влезот на Црна Гора во Европската унија.

Својот противкандидат го окарактеризира како кандидат од друга држава, а тоа се Србија и СПЦ.

Кандидатурата на Ѓукановиќ ја поддржаа партиите, традиционални партнери на неговата ДПС - СДП, ЛП, членовите на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ и Денис Беќировиќ, како група интелектуалци од регионот, меѓу кои и Соња Бисерко, Ненад Чанак, Давор Ѓајико, ..

И кандидатот на ПЕС, Јаков Милатовиќ (36), како и Ѓукановиќ, е економист. Тој беше министер за економски развој во владата на Здравко Кривокапиќ, кога всушност и почна да се занимава со политика, односно по 30 август 2020 година, кога коалицијата на партиите на власт во Црна Гора за прв пат ја победија ДПС на Ѓукановиќ и ја испратија во опозиција.

Изборната вечер по првиот изборен круг, тој рече дека претседателските избори биле пресвртница и дека во вториот круг Ѓукановиќ ќе биде испратен во политичка пензија.

Тој во кампањата ги праша граѓаните „дали сакаат уште пет години со Мило“. Тој им вети излез од темнината на режимот на Ѓукановиќ, борба против криминалот и корупцијата и просперитет на Црна Гора.

Додека Ѓукановиќ во вториот круг смета на гласовите од дијаспората, Милатовиќ во отворено писмо ѝ порача на дијаспората дека треба да гласаат, но да ги имаат предвид причините кои ги принудиле да ја напуштат Црна Гора за време на владеењето на Ѓукановиќ.

За разлика од Ѓукановиќ, тој сака да развие најдобри соседски односи со Србија. Отворено ја поддржува иницијативата Отворен Балкан, доколку, како што вели, таа ќе овозможи железничката линија Белград-Бар, со која неговите родители често одат за да ги посетат роднините, да функционира без повеќечасовни застои во Бијело Поље и Пријепоље.

За него, посочува, овие избори се повеќе од претседателски - тоа се, вели, референдум за напред или назад.

Тој е убеден дека Црна Гора ќе влезе во ЕУ во следните пет години од неговиот мандат, но со него на чело, а не со Ѓукановиќ.

Милатовиќ беше поддржан од сите партии од победничката коалиција од август 2020 година: Демократски фронт, Демократи, Право, како и Обединета Црна Гора и коалицијата Црно-бела, која се состои од партии собрани околу ГП УРА.

Поразот на Ѓукановиќ во недела би значел конечен крај на ДПС, која под негово раководство владее континуирано повеќе од три децении, бидејќи по поразот на парламентарните избори во 2020 година, оваа партија беше поразена и на локалните избори во октомври и тоа во 20 од 25 црногорски градови и општини. сд/

Остани поврзан