• сабота, 23 ноември 2024

Граѓаните на Кочани излегоа на протест и најавија петиција за дислоцирање на комуналната депонија

Граѓаните на Кочани излегоа на протест и најавија петиција за дислоцирање на комуналната депонија

Кочани, 19 јуни 2024 (МИА) – Под мотото „Здравјето и чистата животна средина не разбираат политичка и етничка припадност“ граѓаните на Кочани доцна попладнево организираа протест против чадењето и загадувањето на воздухот и околината на општинската депонија за комунален отпад кај селото Бели.

Со блокирање улици во централното градско подрачје, на протестот беше искажано барање до надлежните општински и други институции да преземат итни мерки за запирање на уништувањето на животната средина, а организаторите најавија и петиција за дислоцирање на депонијата.

-Од утре ќе почнеме со собирање потписи за дислокација на општинската депонија, а лицата кои живеат на депонијата да бидат отстранети, бидејќи ја потпалуваат и прават штета. Бараме КЈП „Водовод“ да почне со третман со морски алги и загадувањето на воздухот да се стави под контрола, сè до моментот на дислокацијата. Ги повикуваме сите граѓани да дадат поддршка во собирањето потписи, а посебно ги покануваме туристичките работници кои имаат објекти на Пониква активно да се вклучат во овој процес. Потребни ни се 10 отсто потписи од граѓаните кои имаат право на глас. Порачуваме дека нема да се откажеме и ќе продолжиме со битката за чиста околина и здрав живот за нашите деца, бидејќи за животот се работи, истакна Марио Паунов, организатор на протестот.

Граѓаните кои присуствуваа на протестот побараа да се исполнат ветувањата на локалната власт за затворање на депонијата и нејзино преуредување во парковска површина.

На протестот беа критикувани и заклучоците од последниот состанок на Локалниот совет за превенција на Општина Кочани, на кој било посочено дека МВР е одговорно за состојбата, а надлежностите се префрлаат и кон Министерството за животна средина.та/вј/

фото: МИА

Остани поврзан