• недела, 24 ноември 2024

Граѓаните и Општина Пехчево заеднички ќе го креираат Буџетот за 2025 година

Граѓаните и Општина Пехчево заеднички ќе го креираат Буџетот за 2025 година

Пехчево, 4 ноември 2024 (МИА) - Општина Пехчево со учество на граѓаните ќе го креира Буџетот за 2025 година. За таа цел денеска градоначалникот на Општината, Александар Китански ги информираше граѓаните дека процесот ќе се реализира преку одржување форумски сесии, на кои граѓаните ќе можат да ги даваат своите предлози и идеи за реализација во наредната година.

-И Вие можете да придонесете за решавање на локалните проблеми и да понудите решенија. Преку Буџетскиот форум имате можност да учествувате во донесувањето одлуки за подобрување на условите за живот во Вашата општина и креирање на буџетот на Општина Пехчево за 2025 година. Со таа цел Ве покануваме да присуствувате на првата Форумска сесија која ќе се одржи на 8 ноември (петок), со почеток во 10:00 часот, во ресторан „Тропик“ – Пехчево, информираше Китански.

Во рамки на првата форумска сесија преку презентација ќе биде претставен буџетскиот форумски процес

-Ќе започнеме со утврдување структура на форумот/распределување по работни маси, утврдување на начела за работа. Потоа присутните ќе се запознаат со процесот на буџетирaње, структурата на буџетот на општина Пехчево, а ќе биде извршен и Преглед на реализацијата на буџетот за 2024 (заклучно со трет квартал). По разгледување на приоритетите за развој на општината за 2025 година присутните ќе имаат дискусија по работни маси за приоритетни проекти за 2025 и презентација на истите, додаде Китански.

По завршувањето на форумдката сесија ќе се прегледаат резултатите и ќе се утврди оценката за форумската сесија. вс/дма/


Фото: Општина Пехчево

Остани поврзан