• четврток, 26 март 2026

Граѓаните да достават предлози за програмата за претстојните локални избори, повикаа од ЗНАМ Куманово

Граѓаните да достават предлози за програмата за претстојните локални избори, повикаа од ЗНАМ Куманово

Куманово, 25 јули 2025 (МИА) - Движењето ЗНАМ – За наша Македонија започна теренска акција во Куманово, во рамки на подготовките за локалните избори, соопштија на денешната прес-конференција од партијата. Тие ги повикаа кумановци да достават предлози, конкретни идеи кои ќе бидат вметнати во партиската програма. Од ЗНАМ потсетуваат дека како партија која произлезе од граѓанско движење, комуникацијата со граѓаните останува клучна.

- Ги знаеме добро нивните проблеми и потреби, и неуморно работевме за подобрување на животните услови. Од моето искуство како претседателка на Совет и голем број на остварени средби, посети, знам дека кумановци имаат иновативни замисли, идеи, но иако идејата потекнува директно од нив самите, активно ќе учествуваат во нивната реализација, изјави Ивана Ѓорѓиевска, член на Извршниот одбор на движењето. Таа ги повика различните категории кумановци да достават идеи, предлози на пунктовите низ градот, градски плоштад, зелен пазар од 10 до 12 часот, кај Соколана, Градски кеј. Оние кои сакаат да ги избегнат жештините можат тоа да го сторат и онјлан директно преку порака до движењето, на пратениците, досегашните советници.

– Нашата цел е да направиме програма која ќе ги опфати сите делови од општината, сите категории на граѓани и која ќе придонесе за економскиот и локалниот развој. Верувам дека ќе предложите веќе проверени практики, бидејќи Кумановци се луѓе со суштински, но и прогресивни барања. Кумановци се луѓе кои прошетале, биле и кои веруваат дека истото може да се реализира и во нашиот град, рече Ѓорѓиевска.

Општинската организација на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во Куманово ги привршува внатрепартиски консултации за утврдување на кандидатите за советничката листа за претстојните локални избори Претседателот на општинската организација, Даниел Стојчевски е задоволен од сработеното на досегашните советници. Во моментов се прави внатрешна анализа, телата и органите на партијата предлагаат кандидати за советници, кои ќе потекнуваат од различни професии, но докажани луѓе, широко прифатени од граѓаните.

-Од она што го гледаме од граѓаните, значи анкетите покажуваат дека народот, Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, општинска организација Куманово, ужива најголема доверба кај граѓаните на Куманово. Тоа е резултат на досегашната работа, којашто е во континуитет со реализација на безброј проекти и се надевам дека така и ќе остане и повторно ќе ја добиеме поддршката од граѓаните на општина Куманово. Секако дека има и критики, ги слушнеме тие критики сметаме дека се добронамерни и ќе се обидеме во нареден период сите тие работи да ги подобриме и исправиме. Јас сум уверен во тоа, додаде Стојчевски.

Одговарајќи на новинарски прашања дека постојано има луѓе од поголемите партии кои преминуваат во движењето, но и дека некои се откажуваат и се враќаат во матичните партии, Стојчевски вели дека како движење произлегле од народот и движењето се шири.

-Во континуитетот оваа партија се гради со луѓе коишто преминуваат од поголемите политички партии. Тој процес секако дека сè уште трае, меѓутоа морам да истакнам дека многу луѓе коишто никогаш не се занимавале со политика имаат желба, доаѓаат, се приклучуваат кон движење ЗНАМ, и бројот на членови на движење ЗНАМ секојдневно се шири. Досега, јас како претседател, како што имам информација, ниту еден член којшто пополнил пристапница во Движењето ЗНАМ сè уште се нема откажано од партијата, изјави Стојчевски. ам/дма/


Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан