• недела, 22 декември 2024

Градоначалникот Костадинов го предаде клучот на карневалистите, почнаа осумдневните карневалски празнувања во Струмица

Градоначалникот Костадинов го предаде клучот на карневалистите, почнаа осумдневните карневалски празнувања во Струмица

Струмица, 13 март 2024 (МИА) - Со симболично предавање на клучот од градот од градоначалникот на карневалистите, пред влезот во општинската зграда, вечерва во Струмица почнаа осумдневните карневалски празнувања. Градоначалникот на Струмица,  Костадин Костадинов му го предаде клучот на претседателот на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал, Александар Цицимов, со што беше означен почетокот на годинашното карневалско издание.

Според Костадинов, вообичаено мандатот на сите градоначалници во државата трае цели четири години, но неговиот трае 32 денови помалку.

-Не можам, а да не го споделам задоволството во ова предвечерие кога завршува мојот градоначалнички мандат и го предавам во вистинските раце, во рацете на карневалистите со желба да ми ја чувате Струмица и да видам што е можно повеќе насмеани лица, повеќе креативни маски и упатувам повик да се смееме, да се радуваме и да ја славиме оваа наша огромна традиција, која датира од 17 век, рече Костадинов.

Претседателот на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал, Александар Цицимов, истакна дека е голема одговорност да се „преземе“ власта.

-Јас само можам да ветам дека сите желби на градоначалникот и на сите граѓани ние карневалистите, на чело со Карневалскиот одбор, ќе се потрудиме да ги исполниме и во овие осум денови да покажеме дека навистина ја заслуживме власта, рече Цицимов.

На јарболите пред Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица беа кренати државното и знамињата на Струмичкииот карневал и FECC, а веднаш потоа беше отворена изложба на карневалски маски од учествата на карневалот на СОУ „Јане Сандански“.

Карневалските празнувања утре продолжуваат со два концерти под маски на Музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица, ќе се објават и резулатите од темата за проза и поезија за карневалот во организација на Библиотеката „Благој Мучето“ и изложба „30 години во FECC (Федерација на европските карневалски градови)“ во Градската уметничка галерија. рт/дма/

Фото:МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан