• четврток, 14 ноември 2024

Градоначалникот Колефски во посета на иселениците од Пустец во САД и Канада

Градоначалникот Колефски во посета на иселениците од Пустец во САД и Канада

Дебар, 27 мај 2024 (МИА) - Делегација на општина Пустец, Мала Преспа, Албанија, предводена од градоначалникот Пали Колефски е во посета на сонародниците во САД и Канада.

-Имав задоволство да остварам неколку многу плодни средби со мои сограѓани од македонската заедница кои низ годините емигрирале во САД и Канада, објави Колефски на Фејсбук.

Додаде дека  споделиле многу идеи и разгледале повеќе проблеми поврзани со животот на жителите на општина Пустец.

-И покрај физичката оддалеченост од родниот крај, тие со голем интерес и постојано ги следат сите активности и случувања во родниот крај, наведува Колефски.

Искажале подготвеност, во рамки на нивните можности, како што вели, да помогнат во надминување на некои проблеми, а биле заинтересирани и за вложувања за развој на општината, пред се во развој на езерскиот туризам. 

Значителен број Македонци од Мала Преспа се преселиле преку океанот по 1991 година, многумина од нив преку американската лотарија. 

Одржуваат  средби со цел да ги одржат живи македонските обичаи и култура далеку од дома. Тие исто така организираат и донаторски вечери на кои собраните средства ги донираат во родниот крај, како што беше случајот со собраните средства за изградба на камбанаријата на манастирот „Света Марена“, кај Туминец. вт/вј/

Фото: ФБ Колефски 

 

Остани поврзан