Голем пад на извозот на пченка и сончогледово масло од Украина
- Украинскиот извоз на пченка би можел да падне за речиси една четвртина во сезоната 2021/2022 поради руската инвазија, а уште поголем пад може да има извозот на сончогледово масло, изјави заме
Прага, 14 април 2022 (МИА) - Украинскиот извоз на пченка би можел да падне за речиси една четвртина во сезоната 2021/2022 поради руската инвазија, а уште поголем пад може да има извозот на сончогледово масло, изјави заменик-министерот за земјоделство Роман Русаков на конференција во Прага.
Според него, извозот на пченка би можел да падне за 24 отсто на 17 милиони тони во тековната земјоделска сезона, која завршува во јуни.
- Извозот на сончогледово масло може да падне за една третина, на 3,4 милиони тони, додаде Русаков.
Украина е најголемиот производител и извозник на сончогледово масло во светот. Пред војната, производителите го проценија извозот за сезоната 2021/2022 на 6,6 милиони тони.
Специјализираната украинска консултантска компанија АПК-Информа минатата сабота објасни дека извозните цени на украинската пченка паднале поради ограничената побарувачка и големите залихи кои од почетокот на руската инвазија може да се извезуваат само со железница, преку границата со Полска.
Украина е еден од водечките добавувачи на жито во светот, а најголемиот дел од земјоделските суровини ги испорачува преку пристаништата на Црното Море. Бидејќи областа сега е место на конфликт, трговците се обидуваат да транспортираат што повеќе жито со железница.
Украинските власти соопштија дека залихите на пченка изнесувале околу 13 милиони тони кон крајот на март, додавајќи дека минатиот месец биле извезени само 300.000 тони жито. паг/