Годишнината од востанието за независноста на Грција одбележана со традиционална воена парада во Атина

Атина, 25 март 2025 (МИА) – Припадници на вооружените и безбедносните сили на Грција, оклопни возила, пешадија, воени инвалид, припадници на противпожарната служба и полицијата, на воената морнарица, на претседателската гарда итн. учествуваа во традиционалната воена парада во Атина, со која се одбележа годишнината од востанието за независноста на земјата во 1821 година, јави дописничката на МИА од Атина.
Воената парадата пред грчкиот Парламент и споменикот на Непознатиот војник, ја следеше грчкиот државен врв, како и дипломатскиот кор во земјата, но и илјадници граѓани кои го исполнија центарот на Атина.
Паралелно прелетуваа авиони и хеликоптери на военото воздухопловство, на полицијата и противпожарната служба, како и воените авиони Ф-16 и Рафал како и легендарниот авион од Втората светска војна Супермарин Спитфајар, симбол на британското воздухопловство.
Грчкиот претседател Константинос Тасулас за кој беше и прва воена парада откако пред помалку од две седмици ја презеде функцијата шеф на државата, по завршувањето рече дека по востанието на 25 март 1821 година, кое траеше девет години со непроценливи жртви, „се исполни ветувањето што нашите предци си го дадоа за да стекнат политичка егзистенција и независност“ и додаде дека „во двата века што следеа, низ подеми и падови Грција постигна многу“.
- Денес, на овој камен ’рт, каде што судбината нè постави, на овој крстопат на континенти, Грција е столб на мирот, на стабилноста, земја која се стреми кон напредок и држава која императивно сака да наликува на најнапредните земји во Европа, порача Тасулас.
Премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис посочи дека „живееме во крајно турбулентни времиња и многу од константите кои ги сметавме за сигурни во последните децении се оспоруваат“.
-Затоа денес, патот кон напредокот повторно има многу специфични предуслови: економски просперитет, кој може истовремено да обезбеди социјална кохезија, но и да ги опреми нашите вооружени сили, за да се гарантира национална независност, нагласи Мицотакис, додавајќи дека потребно е да се изградат силни сојузи за да се гарантира дека земјата е „фактор на стабилност во турбулентен регион“. ср/ссм/
Фото: МИА/ Кабинет на грчкиот премиер