• понеделник, 23 декември 2024

Годишен преглед за работата на ЕК: Ова е Комисија која останува доследна на зборот и испорачува 

Годишен преглед за работата на ЕК: Ова е Комисија која останува доследна на зборот и испорачува 

Брисел, 8 септември 2023 (МИА) - Пред една година, ЕУ се соочи со еден од најголемите предизвици досега - со војна што беснее на нашиот континент и првпат досега една соседна земја беше нападната поради нејзината желба да се приклучи на нашата Унија, се наведува во воведот на прегледот за работата и постигнувањата не Европската комисија во текот на изминатата година, објавен денеска во пресрет на годишното обраќање за „Состојбата на Унијата“ на претседателка на ЕК, Урсула фон дер Лајен пред Европскиот парламент в среда. 

- Русија се обиде да нè уценува со енергија, а Европа беше на работ на криза со фосилните горива. Не знаевме дали нашите резерви на гас ќе бидат доволни за зимата. Но, ние длабоко во нашите срца знаевме дека не можеме да се откажеме од нашите украински пријатели, кои се борат за својата слобода. Требаше брзо да ја прекинеме нашата зависност од руските фосилни горива, со диверзификација и забрзување на транзицијата кон чиста енергија. И го направивме тоа, заедно. Не затоа што беше лесно, туку затоа што беше вистинската работа, се наведува во документот. 

Во прегледот се посочува дека ваквите определби го одразуваат „духот на Европската комисија на претседателката Урсула фон дер Лајен“.  

- Од 2019 година, Европејците издржаа глобална пандемија, издржаа енергетска криза и примија во своите домови најголемиот број раселени луѓе по Втората светска војна. И покрај таквите неволји, ние никогаш не се поколебавме во нашата заложба за Европскиот зелен договор, дигиталните иновации насочени кон човекот и социјалната правичност. Ова е Комисија која останува доследна на зборот и испорачува, се нагласува во извештајот. 

Во документот се наведува дека и Северна Македонија, заедно со 27-те земјите членки на ЕУ, Исланд, Норвешка, Србија и Турција преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, учествуваше во обезбедувањето над 94.000 тони помош за Украина, чија вредност се проценува на над 760 милиони евра. 

Прегледот ги опишува активностите на ЕУ како одговор на руската агресија врз Украина, напорите за намалување на енергетската зависност од Русија, постигнувањата во однос на другите политички приоритети на Комисијата и заложбите за зајакнување на просперитетот и отпорноста на Унијата преку спроведување на проектите „СледнаГенерацијаЕУ“ и „РеПауерЕУ“ и за имплементација на Европскиот зелен договор и на програмата Европска дигитална декада.  

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, документот содржи и преглед на ангажманите на ЕУ со нејзините партнери ширум светот, особено оние посветени на трговската агенда, како и на иницијативите насочени кон зајакнување на „столбовите на европската демократија и изградбата на Унија на рамноправност“.

- Граѓаните на ЕУ не само што ја вратија довербата во издржливоста, агилноста и визијата на нашата Унија, туку и ние Европејците излеговме посилни и пообединети, се наведува во прегледот. сп/ссм/

Фото: Европска комисија

Остани поврзан