• понеделник, 25 ноември 2024

Гласовите сè уште се бројат во пет земји, Бајден близу до победа

Гласовите сè уште се бројат во пет земји, Бајден близу до победа
Вашингтон, 6 ноември 2020 (МИА) - Скоро три дена по затворањето на гласачките места во САД, сè уште е непознато кој е победник на претседателските избори, иако демократскиот кандидат Џо Бајден е поблизу до влегувањето во Белата куќа, јавуваат американските медиуми. Гласовите сè уште се пребројуваат во пет сојузни држави - Пенсилванија (20 електорски гласови), Џорџија (16), Невада (6), Аризона (11) и Северна Каролина (15). Бајден води во секоја од нив, освен во Северна Каролина, каде Трамп е во предност. Според податоците што ги објави Си-Ен-Ен, врз основа на 96 проценти од пребројаните гласови, Бајден го презеде водството во Пенсилванија и сега има 49,5 проценти, додека Трамп има 49,3. Кога станува збор за Џорџија, врз основа на 99 проценти од пребројаните гласови, двајцата кандидати имаат по 49,4 проценти од гласовите. Државниот секретар на Џорџија, Бред Рафенспертер денеска рече дека ќе се повтори пребројувањето на гласовите на претседателските избори во таа сојузна држава, поради мала разлика. Резултатите објавени од Си-Ен-Ен во Аризона, засновани на 94 проценти од пребројаните гласови, покажуваат дека Бајден има поддршка од 49,9 проценти од гласачите, а Трамп од 48,6 проценти. Во однос на Невада, врз основа на 92 проценти од гласовите, Бајден е во предност со 49,7 проценти од гласовите, додека Трамп има 48,1. Единствено во Северна Каролина, врз основа на преброени 95 проценти од гласовите, Трамп е во предност со 50 проценти од гласовите, додека Бајден има 48,6 проценти од гласовите. Си-Ен-Ен наведува дека вкупно на ниво на САД, Бајден има 253 електорски гласови, а Трамп 213. За влез во Белата куќа, еден од двајцата кандидати треба да освои најмалку 270 гласа од 538 гласачи. паг/

Остани поврзан