• четврток, 27 јуни 2024

Германците и натаму ја напуштаат католичката црква - само лани околу 400.000 верници

Германците и натаму ја напуштаат католичката црква - само лани околу 400.000 верници

Берлин, 27 јуни 2024 (МИА) - Во Германија, околу 400.000 луѓе формално ја напуштиле Католичката црква минатата година, иако тој број е помал од рекордот поставен во 2022 година кога црквата ја напуштиле 522.821 верник.

Претставниците на црквата се борат да го смират долгогодишниот скандал со злоупотреба од страна на припадници на свештенството и да ги адресираат повиците за реформи во црквата, според официјалните податоци објавени денеска.

Германската бискупска конференција објави дека во 2023 година црквата ја напуштиле 402.694 луѓе, додека од друга страна, 1.559 луѓе се приклучиле на црквата, а уште 4.127 се вратиле во нејзините редови.

Во Германија, луѓето кои се формално членови на црквата плаќаат таканаречен црковен данок кој помага во нејзиното финансирање, покрај редовните даноци што ги плаќа остатокот од населението. Доколку го пријават напуштањето на црквата кај локалните власти, повеќе не мора да го плаќаат данокот.

Има некои ослободувања од плаќање црковен данок за лица со ниски примања, невработени, пензионери, студенти и други категории. Католичката црква во оваа земја на крајот на минатата година имала околу 20,35 милиони членови.

Во своето годишно резиме на статистика, бискупската конференција детално не ги наведе причините за заминувањата. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан