• понеделник, 18 ноември 2024

Европските лидери расправаат за изборот на носителите на врвните функции во ЕУ 

Европските лидери расправаат за изборот на носителите на врвните функции во ЕУ 

Брисел, 27 јуни 2024 (МИА) – Лидерите на земјите членки на ЕУ во рамки на нивниот Самит во Брисел вечерва ја почнаа дебатата околу кандидатите за носители на водечките раководни позиции во Унијата, информираат дипломатски извори. 

Тие изразуваат оптимизам дека дискусијата по оваа последна точка од дневниот ред на Самитот би можела да заврши уште вечерва со избор на претседател на Европскиот совет, номинирање на претседател на Европската комисија и именување на висок претставник на ЕУ, со што не би имало потреба од продолжување на лидерскиот собир и во текот на утрешниот ден. 

Според истите извори, пред почетокот на дебатата по оваа точка од записничарите било побарано да ја напушта салата во која се одржува заседанието на Европскиот совет со образложение дека лидерите би можела полесно да стигнат до договор во услови на „поголема приватност“. 

Се стравува дека расправата сепак би можела да отиде во „несакан правец“, бидејќи се уште не се знае како ќе реагира италијанската премиерка Џорџа Мелони, чија политичка групација Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) беше исклучена од преговорите и договорот за распределба на главните раководни позиции во ЕУ.  

Трите партиски групации од т.н. „проверопско“ мнозинство во Европарламентот се договорија поранешниот португалски премиер Антонио Кошта да биде претседател на Европскиот совет, актуелната претседателка на Европската комисија, Германката Урсула фон дер Лајен да биде реизбрана на функцијата, а естонската премиерка Каја Калас да биде именувана за висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.  

Пред доаѓањето во Брисел, Мелони изрази несогласување со ваквиот договор за распределба на функциите на водечките раководни места во ЕУ, оценувајќи дека е „надреално“ да не се земе предвид мислењето на европските гласачи.  

- Има такви кои тврдат дека граѓаните не се доволно мудри за да донесат одредени одлуки и дека олигархијата е единствената прифатлива форма на демократија, но јас не се согласувам, изјави Мелони во Рим.  

Според Мелони, при носењето одлуки мора да се има предвид дека ЕЦР е трета по големина група во Европарламентот. 

Несогласување со договорот при доаѓањето на денешниот Самит изрази и унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој оцени дека тој е „срамен“.

- Тој не се базира на резултатите од изборите. Ако се базираше на изборите, ќе требаше да биде коалиција меѓу ЕПП, социјалистите и ЕЦР, кои се трати. Но, наместо ЕЦР е земена „Да ја обновите Европа“, што е доказ дека ова е партиски договор, срамен договор, истакна Орбан, додавајќи дека Унгарија „не може да го поддржи овој договор“. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан