• петок, 22 ноември 2024

Германија со најголем, а Малта со најмал број гласачи за јунските евроизбори 

Германија со најголем, а Малта со најмал број гласачи за јунските евроизбори 

Брисел, 4 април 2024 (МИА) - За изборите за членови на Европскиот парламент што ќе се одржат од 6 до 9 јуни годинава, најголем број пријавени гласачи има Германија, а најмал – Малта. 

Според податоците на Европската статистичка агенција, на избирачкиот список за евроизборите во Германија се регистрирани 64,9 милиони лица, по што следуваат Франција со 49,7 милиони и Италија со 47 милиони евидентирани гласачи. 

Од друга страна, најмалку или околу 400.000 гласачи се регистрирани на Малта, по што следува Луксембург со половина милиони и Кипар со околу 700.000 граѓани со право на глас на евроизборите. 

Кога станува збор за оние кои првпат можат да гласаат на едни евроизбори, односно лица кои се стекнале со гласачко право по последните европски избори во 2019 година и тука поредокот на најбројните е ист - Германија со 5,1 милиони, Франција со четири милиони и Италија со 2,8 милиони лица. 

Малата е на дното и во оваа класификација со 20.000 нови гласачи, а пред неа се Кипар со 37.000 и Естонија со 70.000 лица. 

Што се однесува до уделот на оние што првпат имаат гласачко право во однос на вкупниот број гласачи, тој е највисок во Белгија и изнесува 9,7 проценти. По Белгија следуваат Франција со осум отсто и Германија со 7,9 проценти од вкупниот број граѓани со право на глас. сп/

Фото: Евростат

 

Остани поврзан