• понеделник, 25 ноември 2024

ГЕРБ води на изборите во Бугарија, но недоволно за самостојно владеење

ГЕРБ води на изборите во Бугарија, но недоволно за самостојно владеење

Софија, 10 јуни 2024 (МИА) - Бугарската централнодесничарска партија ГЕРБ е на пат да освои најмногу гласови на парламентарните избори, но ќе и требаат коалициски партнери за да формира влада, покажаа денеска привремените резултати врз основа на 64,06 отсто од преброените гласови.

Резултатите од неделните избори, шести во Бугарија во последните три години, покажуваат дека ГЕРБ освоила 23,65 отсто од гласовите.

Движењето за права и слободи, кое претежно го претставува големото турско малцинство во земјата, доби 15,89 отсто од гласовите, а прозападниот блок Промените продолжуваат (ПП) има 15,08 отсто поддршка.

Ултранационалистичката партија „Обнова“ освоила 14,33 отсто.

Изборите, што се одржаа вчера, беа распишани по распадот на коалицијата меѓу ГЕРБ и ПП во март.

Британските медиуми пишуваат дека на Бугарија, членка на НАТО, и треба стабилна, функционална влада за да го забрза протокот на европски пари во оваа земја со лоша инфраструктура и да ја поттикне да го прифати еврото и да влезе во Шенген зоната.

Даниел Смилов, професор на Универзитетот во Софија, смета дека најверојатна коалиција е ГЕРБ, Движењето за права и слободи и некои од помалите партии.

-Таквата коалиција може да обезбеди одреден степен на стабилност, но не сум сигурен за реформите, особено за оние поврзани со корупцијата, изјави Смилов.

Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, повеќе од една деценија ја водеше Бугарија пред да ја загуби власта во 2021 година, откако илјадници луѓе протестираа против неговата неактивност во борбата против корупцијата и заради неговите добри односи со моќните локални олигарси.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан